• понеделник, 23 декември 2024

Премиера на првата сезона од Скопски моден фестивал во март

Премиера на првата сезона од Скопски моден фестивал во март
Скопје, 20 јануари 2022 (МИА) - Првата сезона од Скопски моден фестивал ќе се одржи во текот на март годинава под слоганот „The Future was Present“, со модни ревии и перформанси, екслузивен продажен шоурум, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала вечер со црвен килим за свеченото отворање. - Скопски моден фестивал е нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста, која на едно место ќе ги обедини сите еминентни дејци од креативната индустрија, а истовремено ќе им даде простор и на младите таленти да ги промовираат своите дела, соопшти тимот на фестивалот. Целта на фестивалот, како што посочуваат, е да биде прослава на модата во сите можни форми, доближувајќи ја до што поголема бројка на публика, бидејќи, како што велат, македонската дизајнерска сцена го заслужува тоа. - Промоцијата на креациите не завршува со моделските чекори на писта или едноминутното видео на социјалните мрежи. Низ серија од активности ќе поттикнеме масивен одѕив во јавноста, за да тие финално стигнат до потенцијалните купувачи и модни вљубеници, истакнуваат организаторите на манифестацијата, се вели во соопштението. Заштитни лица на првата сезона се трите сестри Ангелина, Ива и Сандра Китановски, на кои им биле доверени главните улоги во најавното видео за фестивалот, снимено под режисерска палка на Филип Пашоски. Наменски за пригодата се искомбинирани облека и додатоци на дел од најдобрите етаблирани и перспективни македонски дизајнери и брендови на денешницата. Во модното видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви, застапени се креации од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, KTN, Мирјана Јосифоска и La Dama. Како стилист на кампањата се потпишува Веселинка Паневска, додека автори на фотографите се Филип Пашоски и Сони Романов. Уметнички директор и извршен продуцент на настанот е Милан Атанасов. - Минатото и иднината се две сеприсутни димензии во светот на модата. Во најавното видео за првата сезона, тие се испреплетуваат низ визуелната игра со контрасти и проекции, но и безвременските парчиња кои совршено се вклопуваат во тематската приказна. Ме радува фактот што целата кампања наиде на позитивен одек уште за време на снимањето, а особено големиот интерес меѓу дизајнерите, како од земјата, така и од странство, своите нови колекции да ги претстават на фестивалот. Ни претстои навистина убава и возбудлива модна пролет во метрополата, заклучува Атанасов. Наредните денови, се наведува во соопштението, ќе биде потврден точниот датум, локација и сите имиња кои ќе се запишат како први учесници на Скопскиот моден фестивал. мс/лв/

Остани поврзан