• недела, 17 ноември 2024

Премиера на „Нема струја за електричниот стол“ во Велес

Премиера на „Нема струја за електричниот стол“ во Велес

Скопје, 8 април 2023 (МИА) - Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски вечер премиерно ќе биде изведена во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. 

По големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму ќе се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар.

Покрај режисерот Пројковски, зад претставата стојат: Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов.

Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев - во улогата на Осудениот на смрт и Исидор Јованоски во улогата на Леонард.

Александар Секулов е еден од најзначајните современи бугарски писатели, преведен на многу јазици во светот. Неговиот опус, остварен во драмата, прозата и поезијата, закитен е со најпрестижните бугарски награди - каков што е и случајот со „Нема струја за електричниот стол“ - пиеса која во 2016 година ја добила престижната награда за современа бугарска драматургија - „Аскер“.

Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио стојат голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзиначајните театарски куќи, закитени со најважните театарски награди. мд/лв/

Остани поврзан