Премиера на балетот „Госпоѓа Бовари“ – одбележување на 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска
- На 25 јуни со почеток во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер
Скопје, 4 јуни 2025 (МИА) - На 25 јуни со почеток во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер.
Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Балетското дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Марија Кичевска Шокаровска ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (Доктор Оме) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Билетите се пуштени во продажба, онлајн и на билетарницата на МОБ. свс/ац/
Фото: Национална опера и балет