• сабота, 09 ноември 2024

Преку три приказни, „Види Вака“ повикува на анонимно пријавување за прекршување на работничките права

Преку три приказни, „Види Вака“ повикува на анонимно пријавување за прекршување на работничките права

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Во рамки на кампањата за подигнување на свеста за работничките права,  „Види Вака“ објави краток филм за три засебни приказни базирани на вистински случаи, со цел поттикнување на работниците анонимно да пријавуваат прекршување на нивните права.

- Краткиот филм „Вера, Сања и Ева“ е омнибус филм кој е составен од три посебни приказни поврзани со заедничка тема – кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички, велат од „Види Вака“.

Оттаму, истакнуваат дека приказните имаат за цел да испратат силна порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, но и да се прекине нишката за прекувремена работа, пари во плик и неисплатена плата на работничките и работниците. 

- По објавата на трите кратки филмови и склопувањето на омнибус филмот „Вера, Сања и Ева“, одлучивме да ја повикаме публиката да се осмели да пријави прекршување на нивните работнички права. Сè со цел нивните приказни да станат повеќе видливи, но од друга страна како медиум да им упатиме на одговорните институции за прекршување на правата на работниците на територија на цела држава. Нашата цел е да создадеме јавен и општествен притисок со кој ќе почнеме да издвојуваме победи за почитување и унапредување на работничките права, вели Горан Игиќ управител и продуцент во „Види Вака“ раскажувачко студио. 

Во краткиот филм „Вера, Сања и Ева“ глумат статисти, текстилни работнички и актерките Нина Елзесер во улогата на работничката Сања, Анастасија Ласовска во улогата на Вера, Гордана Ендровска како Ева, Катарина Илиевска Силјановска во улогата на шефицата и Јасмина Василева во улогата на работничката во пошта. 

Режисер, сценарист и монтажер на филмот е режисерот Ѓорче Ставрески, а директор на фотографија Ѓорѓи Клинчаров, додека извршна продуцентка е Ивана Шекутковска.

- Краткиот филм е во продукција на „Види Вака“ раскажувачкото студио и е дел од програмата „образование низ забава“ како и дел од одговорноста на „Види Вака“ како медиум не само да информира, туку и да едуцира, посочуваат од „Види Вака“.

Оние кои сакат да пријават прекршување на работничките права, тоа можат да го сторат на следниот линк: https://vidivaka.mk/prijavi-povreda-rabotnicki-prava

/ир/дма/

 

Остани поврзан