• сабота, 21 декември 2024

Преку твининг проет со Хрватска, АЦВ ги подобри практиките за безбедност и обезбедување во воздухопловството

Преку твининг проет со Хрватска, АЦВ ги подобри практиките за безбедност и обезбедување во воздухопловството

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Усогласување на македонските регулативи со европските во делот на воздухопловството е целта на твининг проектот „Поддршка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“ за кој денеска во Скопје се одржа завршниот настан.

Проект, кој е поддржан од Канцеларијата на Европската Унија, а се спроведуваше од Хрватската агенција за цивилно воздухопловство има за крајна цел подобрување и зголемување на безбедноста во цивилното воздухопловство во земјава. За негова имплементација Хрватската агенција за цивилно воздухопловство доби 250.000 евра од фондовите на ЕУ.

Како што изјави  директорот на македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) Драги Стојаноски во рамките на проектот се спроведени неколку обуки на кои се разменети искуства со хрватските колеги.

-Експерти од Хрватска беа присутни во Агенцијата за цивилно воздухопловство да го пренесат нивното знаење, а наши вработени беа присутни во Агенцијата за цивилно воздухопловство во Хрватска и преку заеднички инспекции и практични вежби го зголемувавме нивото и степенот на безбедност на македонското цивилно воздухопловство, рече Стојаноски.

Директорката на хрватската Агенција за цивилно воздухопловство Ана Капетановиќ оцени дека колегите од македонската АЦВ имаат значајно искуство и добро знаење.

-Она што им требаше во суштина беше подигнување на искуството во имплементацијата на европското законодавство поврзано со сигурноста на воздухопловниот сообраќај и тука навистина покажаа особени резултати. Наидовме на прави професионалци и сметам дека завршивме одлична работа, рече Капетановиќ.

Како најмлада членка на ЕУ, додаде, секогаш се трудиме да им ги пренесеме нашите знаење на идните членки на Унијата бидејќи знаеме како ни беше нас.

Во своето обраќање на настанот Стојаноски посочи дека постигнатите резултати од проектот се очигледни, не само во подобрените практики за безбедност и обезбедување во воздухопловството, туку и во зајакнувањето на институционалните капацитети.

-Постојаното вложување во подобрување на регулаторната рамка, градењето капацитети и професионалниот развој ќе биде од суштинско значење во стремежот кон подигнување на стандардите во областа на цивилното воздухопловство, потенцираше Стојаноски.

Капетановиќ, пак, изрази уверување дека, АЦВ во претстојниот период, ќе прерасне во еден од институционалните лидери на патот на земјата кон ЕУ.

Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, Штефен Худолин го истакна значењето на меѓусебната соработка на ЕУ и Северна Македонија, во насока на продлабочување на интегративните процеси и олеснувањето на приближувањето на регулаторните и оперативните рамки во областа на воздухопловството.

Според хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, овој успешно реализиран проект е афирмација на професионалниот капацитет на Хрватска за непоколеблива поддршка на напорите на земјата-корисник на европскиот пат.вј/са/

Фото: МИА и АЦВ

Остани поврзан