Преку демо тура со електричен автобус, Прилеп се вклучи во европската недела на мобилност
- Со градска линија на електричен автобус во посета на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ и со превоз на еден клас од 30 ученици до Паркот на револуцијата и едукативно предавање, П
Прилеп, 27 септември 2022 (МИА) - Со градска линија на електричен автобус во посета на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ и со превоз на еден клас од 30 ученици до Паркот на револуцијата и едукативно предавање, Прилеп денеска се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност и во поддршката на одржливото размислување и живеење.
Учениците имаа едукативно предавање на тема „Екологија и придонесот на електричните возила кон намалување на загадувањето и заштитата на животната средина“.
За прилепскиот градоначалник Борче Јовчески климатските промени создаваат опасност, но и потреба да се размислува за намалување на опасноста од загадувањето на животната средина и емисијата на издувните штетни гасови.
- Еден од начините е токму употребата на електрични превозни средства, особено нивното користење во јавниот градски превоз. Токму оваа денешна тура со електричниот автобус ни ги покажува можноста и иднината кон која треба да се стремиме за да ги подобриме условите за живот на граѓаните - јавен електричен градски превоз со 0 емисија на штетни гасови, изјави Јовчески.
Билјана Јанчевска од компанијата „Аутомакедонија“ од Скопје, со чија поддршка се одвива одбележувањето, смета дека е многу битно да се имаат предвид предностите на електричната мобилност во секојдневното живеење.
- Се надеваме дека во иднина низ улиците во градовите ќе гледаме повеќе електрични превозни средства, рече Јанчевска.
Инаку, моментално, автобусите во прилепскиот јавен превоз се на метан. ем/цр