• понеделник, 23 декември 2024

Преку алтернативни начини се полнат базените за Струшкиот водовод, граѓаните рационално да ја користат водата

Преку алтернативни начини се полнат базените за Струшкиот водовод, граѓаните рационално да ја користат водата

Струга, 15 август 2024 (МИА) - Со пумпи преку алтернативни начини се полнат базените за вода со цел непрекинато водоснабдување на Струга и околината со квалитетна вода за пиење, изјави за МИА директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Дашмир Насуфи.

Тој посочи дека пресушиле изворите во Горна Белица од кои се полнат резервоарите, па преку потопни пумпи од алтернативни извори ги полнат базените. Поради таквата состојба, додава, принудени се да прават и рестрикции во ноќните часови да се наполнат резервоарите, за во текот на денот состојбата да е стабилна.

Свеста кај граѓаните, вели се уште не е на посакуваното ниво, водата од градскиот водовод се користи за наводнување паркови, бавчи и разладување на дворовите.

- Рестрикции има во ноќните часови, а резултати даваат и секојдневните контроли на терен од страна на комунални инспектори и претставници од месните заедници, со цел котролирано трошење на водата од градскиот водовод во Струга и населените места, вели Насуфи.

Според него, над 100 корисници, биле затекнати при злоупотреба на водата од градскиот водовод, по што писмено се предупредени, а десетина биле фатени по втор пат со истиот прекршок и против нив се очекува да биде поднесена тужба. Согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води предвидена е казна  до 3.000 евра и исклучување од водоводна мрежа

-Граѓаните рационално да ја користат водата за пиење и да не ја злоупотребуваат со цел  намалување на проблемите со водоснабдувањето во текот на летната сезона, апелира Насуфи. сс/дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан