• понеделник, 23 декември 2024

„Прекини ја нишката за прекувремена работа“ - видеоприказна за кршењето на правата на текстилните работнички

„Прекини ја нишката за прекувремена работа“ - видеоприказна за кршењето на правата на текстилните работнички

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - „Прекини ја нишката за прекувремена работа“ e насловен еден дел од краткиот филм „Прекини ја нишката“ составен од три видеоприказни за кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички.

Режисер, сценарист и монтажер на филмот е режисерот Ѓорче Ставрески, директор на фотографија Ѓорѓи Клинчаров, а извршна продуцентка е Ивана Шекутковска.

Краткиот филм е во продукција на раскажувачкото студио „Види вака“  и е дел од програмата „Образование низ забава“.

-Првата приказна од краткиот филм својата премиера ја имаше на медиумот Види Вака. Ова видео има цел да испрати силна порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, каде на повеќе од 70 отсто од текстилните работнички не им се исплаќа прекувремената работа, велат од Види вака.

Во овој дел од краткиот филм глумат статисти, текстилни работнички и актерките Нина Елзесер - во улогата на работничката Сања и Катарина Илиевска-Силјановска - во улогата на шефицата.

-Иако краткиот филм „Прекини ја нишката“ и оваа прва приказна од тој филм го прикажува кршењето на работничките права во текстилната индустрија, наша цел е да создадеме јавен и општествен притисок со кој ќе почнеме да извојуваме победи за почитување и унапредување на работничките права не само во текстилната, туку во која било индустрија во Македонија, вели Горан Игиќ, управител и продуцент во раскажувачкото студио Види вака. 

Од студиото најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во концептот на едукација низ забава, сметајќи го за еден од најефикасните методи на правење и градење позитивни промени во општеството. хс/ев/

Фото: Раскажувачко студио Види вака 

Остани поврзан