• понеделник, 23 декември 2024

Презентација на предлог-верзија на минимум сајбер безбедносни стандарди за институциите

Презентација на предлог-верзија на минимум сајбер безбедносни стандарди за институциите

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Во рамките на проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан -интервенции за Република Северна Македонија“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, денеска и утре во Скопје ќе се одржи работилница на владината мулти-секторска група. Пред министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ќе бидат презентирани Предлог-верзијата на минимум сајбер безбедносните стандарди кои треба да бидат задолжителни за владините институции, со цел отпочнување на нивно тестирање во период септември - декември годинава и препораки за креирање на политики во областа на сајбер безбедност.

Како што најавуваат организаторите, на официјалниот дел од работилницата покрај министерот Андоновски збор ќе земе и заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава Даниел Филер. 

-Во работниот дел од работилницата владината мулти-секторската група ќе дискутира со претставници на медиуми, невладини организации, академска јавност и приватниот сектор за важноста на сајбер безбедносните стандарди и нивната усогласеност со принципите на добро управување и родова и социјална инклузија. Целта на оваа дискусија, исто така, е и да се потенцира потребата за вклученост на целото општество во градење на национална отпорност кон сајбер заканите, соопштуваат одговорните за проектот.

Проектот има за цел да ја подигне свеста, изгради капацитети и предизвика позитивни промени во примената на сајбер безбедноста низ земјата. Спроведувањето на проектот е започнато од август 2023, а треба да заврши во март 2025 година. вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан