• понеделник, 23 декември 2024

Презентацијата на наодите од регионалното истражување за ставовите и мислењата за ЛГБТИ правата

Презентацијата на наодите од регионалното истражување за ставовите и мислењата за ЛГБТИ правата
Скопје, 28 јули 2021 (МИА) - Презентацијата на наодите од регионалното истражување за ставовите и мислењата за ЛГБТИ правата во регионот на Западниот Балкан ќе се одржи денеска од 11 часот во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на Република Северна Македонија. Како што информираат од Коалиција МАРГИНИ, во периодот помеѓу ноември и декември 2020 година, организацијата „Civil Rights Defenders" - канцеларија во Белград, изврши истражување на јавното мислење за ставовите за ЛГБТИ правата во земјава. Истражувањето било спроведено и во сите држави на Западен Балкан и дава најнова претстава околку тоа што мислат граѓаните и какви ставови имаат околу одредени ЛГБТИ прашања и права. Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од 6.284 испитаници од сите земји, а во Северна Македонија биле анкетирани 1.017 испитаници. Оттаму посочуваат дека социјалната перцепција кон ЛГБТИ заедницата е исклучително важно прашање и проблем на кој мора да се работи од повеќе страни и на многу начини. - Социјалната дистанца и перцепции кон ЛГБТИ луѓето во текот на годините во Македонија постојано беше со висок процент и генерира говор на омраза, непочитување на достоинството и форсира начини да се замолкне ЛГБТИ заедницата, но последното истражување покажува промени, велат од Коалиција МАРГИНИ. Дополнуваат дека со оглед на сѐ почестото декларативно залагање за подобрување на законските механизми кои треба да ги заштитат ЛГБТИ луѓето од насилство, говор и дела од омраза, секојдневна дискриминација, пристап до правда, здравствени и социјални услуги, сакаат да отворат суштинска дискусија за конректно делување и промена на овие состојби кои, како што велат, се одолговлекуваат со години, а нема суштинска промена. - Заради важноста на резултатите од ваквите истражувања за подобрување на состојбата на ЛГБТИ заедницата и на ниво на закони но и во општествено социјален контекст Ве покануваме да присуствувате на презентацијата на клучните наоди од ова истражување како и активно да се вклучите во дискусијата што понатаму заеднички може да се направи како конкретни чекори, а особено во обезбедувањето одговорност за креирање и спроведување на политиките од страна на политичарите и донесувачите на одлуки, стои во најавата за настанот. Свои воведни обраќања на настанот ќе имаат Маја Морачанин, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, Игор Раиден од ,,ТрансФорма" и Драгана Дрндаревска, правна советничка на Коалицијата Маргини. Презентација на наодите од регионалното истражувањето на јавното мислење за правата на ЛГБТИ луѓето ќе ја одржи Дамјан Здравев, програмски координатор на "Civil Rights Defenders". На крајот од настанот ќе се одржи и дискусија. ар/сп/

Остани поврзан