• понеделник, 23 декември 2024

Предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ ќе добијат интензитет, уверуваат од Кривичен суд

Предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ ќе добијат интензитет, уверуваат од Кривичен суд

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - На предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ ќе им се даде интензитет во следниот период, уверуваат од Кривичен суд.

Прашани за ризикот од застарување на делата и дали може да се забрзаат овие предмети, од Основниот кривичен суд, денеска на брифинг со медиуми, велат дека и двајцата судии кои постапуваат по предметите изразиле уверување дека ќе им се даде интензитет.   

-  Судењето за „Таргет-Тврдина“ е закажано за 28 февруари, затоа што судијата постапува и по „Траекторија“ и други предмети. Но, официјален став на судијата е дека и на тој предмет и на „Трезор“ ќе им се даде интензитет во следниот период. Затоа што се работи за два предмети со исти обвинети и мора да има координација, посочуваат од Кривичен.

Од Кривичен, исто така, укажуваат дека претходно имало проблеми со тоа што се закажуваат судења од ден за ден за ист обвинети, и дека и за тоа мора да се има во предвид.

Апелациониот суд Скопје во ноември минатата година ја укина првостепената пресуда за „Трезор“, а потоа во декември и за „Таргет-Тврдина“, и предметите ги врати на повторно постапување.

Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.

На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Судскиот процес започна на 22 декември 2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица. аа/сп/

Остани поврзан