• петок, 22 ноември 2024

Предлог законот за забрана на нефер трговски практики ја помина првата фаза во Комисијата за европски прашања

Предлог законот за забрана на нефер трговски практики ја помина првата фаза во Комисијата за европски прашања

Скопје, 19 февруари 2024 (МИА) -  Предлог законот за забрана на нефер трговски практики во синџир на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, во прво читање, беше прифатен денеска од собраниската Комисија за европски прашања и проследен во натамошна собраниска процедура. 

На седницата беше образложено дека со предлог законот се очекуваат позитивни ефекти и намалени цени за крајниот потрошувач. 

Според Министерството за економија кое е предлагач на законот, станува збор за примена и целосно хармонизирање со европски директиви за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна - треба да обезбеди примена на европските практики во целокупниот синџир на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, како и во поглед на поширокиот опсег на неговиот предмет на уредување.

Се очекува, да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Исто така, се обезбедува начин за поефикасни контроли и надзор  на Комисијата за заштита на конкуренцијата, којашто добива дополнителна надлежност.

На седницата на Комисијата, Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка упати критики затоа што, како што рече, во услови на техничка влада, се злоупотребува европското знаменце. 

Нејзиниот сопартиец Антонио Милошоски исто така упати критики поради, како што рече,  доцнењето на оваа директива, велејќи дека населението било оставено како жртва на инфлацијата која го уништила стандардот.

- Носењето на овој закон е добро, но задоцнето, нагласи Милошовски. 

За Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, законот е замајување на јавноста. Очекувањата за фер цени, рече, она што се очекувало, не верува дека ќе се постигне. Маржите, наведе, се и до триста проценти поголеми од цената на земјоделците. Сево ова, смета тој, е само маркетиншки трик. 

- На населението мора да му се понудат реални цени, а земјоделците да не бидат манипулирани од зелената мафија. Земјоделците и сточарите се секогаш уценети до мизерија и ги има се помалку и затоа  е неопходно решение. Поздравувам усогласување со европска директива за еколошки здрави производи без кои нема здрави нации, нагласи тој, додавајќи дека законот не ги решава целосно проблемите. 

Треба, посочи Трајанов, да се работи многу, за работите да се средат во оваа сфера, во интерес на сите. 

Членовите на Комисијата за европски прашања на денешната седница ќе ја разгледуваат и потребата за носење предлог закони за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, за канцеларија за поврат на имот, за финансиски инструменти, за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, и за виното, како и за предложените измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права, сите во прво читање. свд/лв/

Остани поврзан