• понеделник, 23 декември 2024

Предлог законот за амнестија во четврток на собраниска седница, за судската власт со законот се врши упад во судството

Предлог законот за амнестија во четврток на собраниска седница, за судската власт со законот се врши упад во судството

Охрид, 31 октомври 2023 (МИА) -Предлог законот за амнестија е поминат на Влада и е доставен до Собрание, а се очекува да се најде на дневен ред на пленарна седница во четврток, потврди заменик министерката за правда Викторија Аврамовска. 

-Многупати имам кажано дека постојат и други алтерантивни мерки, дека не мора со Законот за амнестија да се испразнат, тоа може да биде и условен отпус, пробација и тогаш мислам дека многу многу повеќе ќе се намалат затворите, бидејќи и анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека станува збор за многу помал број на затвореници кои би ги напуштиле затворите со овој Предлог закон, изјави Аврамовска денеска во Охрид пред отпочнувањето на работилница за дигитализација на судството.

Во однос на инсистирањето на првиот човек на Министерството за правда за носење на овој закон, Аврамовска појаснува дека Законот за амнестија од Министерството за правда е предложен со цел да може да се намали бројот на осуденици во казнено поправните установи, којшто во моментов е прилично голем. Притоа таа наведува дека единственото нешто што во јавноста е коментирано е дека кога ќе се донесе тој закон, одредени случаи што се од јавен интерес, ќе може да предизвикаат незадоволство. Најавува дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман.

-Не е добро тие осуденици да излезат. Затоа со нашата пратеничка група тогаш се разговараше дека може да се предложи амандман којшто ќе го спречат излегувањето, бидејќи станува збор за предмети кои се од јавен интерес, како што во јавноста се побуди за „Монструм“, а од страна на нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано, рече Аврамовска. 

Според претседателот на Судски совет Сашко Георгиев, со дел од законските измени направи во изминатиов период, на некој начин се врши упад во судството.

-Можам да се согласам дека на некој начин се врши упад во судството со ваквите измени. Сепак, се наоѓаме во една состојба каде што судството е на удар на критики, а имаме состојба каде законодавниот дом, односно извршната власт донесе закони што автоматски се одразија како последица на застарувањето на добар дел од предметите, познати, звучни во јавноста. Од друга страна, истата оваа извршна структура реагира и бара причини зошто застареле, како критика во однос на судството за голем дел на застарени предмети. Значи сметам дека мораше да се најде соодветен начин. Доколку имаше таква намера да се најдеше еден транспарентен начин да се анализираат последиците и нормално да се вклучи судството и да се видат сите овие можни последици и предизвици. Остана критиката да ја носи судството спроведувајќи го законот, вели Георгиев.    

 Во однос на тоа дали може да се амнестира судството за ваквите состојби, тој потврдува дека за некои предмети постапката траела недозволиво долго, но наведува и дека тоа се сепак процедури поврзани со судски постапки.

-За дел од тие постапки факт е дека на некој начин доцнеше правда, но тоа се сепак постапки каде што има прво пресуди во основните судови, па повторувања на некои предмети. Тоа се сепак судски постапки каде што не навлегувам, тоа се одлуки на второстепени или третостепени судови, посочува Георгиев. 

Судијата Лазар Нанев во однос на Предлог законот за амнестија оценува дека доколку има правилна имплеменатција на условниот отпуст нема потреба од донесување на закон за амнестија. 

-Политичарите ги носат законите, а рефлексијата на негативното однесување или на довербата паѓа на Судот, а судовите и  јавните обвинители немаат никаква врска со законските решенија.  Го спомнавте Законот за амнестија којшто треба да биде донесен. Прашањето е дали  има соодветна  анализа  колкав е бројот на лицата коишто ќе добијат амнестија, и дали амнестијата како политичка  одлука за отпуштање на дел од осуденичката популација ќе биде соодветна за сметка на она што ние  во судството го имаме Судскиот институт, тоа е условниот отпуст. Дајте ако вие на соодветен начин го имплементирате условниот отпуст, тогаш немате никаква потреба од донесување  на закон за амнестија, оценува Нанев.

Предлог законот за амнестија е предвидено да се донесе по скратена собраниска постапка. Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Во однос на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој беше ставен на црната листа на САД и за кој и по четири месеци нема разврска во ниту еден од предметите, заменик министерката за правда не даде конкретен коментар.

-САД е наш стратешки партнер и секогаш треба нивните пораки и позитивни, па дури и критики, да ги сфатиме сериозно и институциите коишто треба да ги спроведат, да може малку да се погрижат што побрзо тоа да оди. Во однос на судските одлуки и одлуките на ЈО,  застарувањето не би сакала никогаш да го коментирам, затоа што не знам точно за кои предмети станува збор, ниту пак зошто тие застареле и од кои причини, вели Аврамовска.  

За претседателот на Судскиот совет, случајот со Мерко и застарувањето на предметите е последица на измените на Кривичниот законик. вг/аб/

 

Остани поврзан