Предлог-среднорочната програма за стоковните резерви го помина комисискиот филтер
- Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска дадоа поддршка и го проследија на натамошна собраниска процедура Предлогот на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2026 - 2030 година.
Скопје, 2 декември 2025 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска дадоа поддршка и го проследија на натамошна собраниска процедура Предлогот на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2026 - 2030 година.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски при образложувањето истакна дека со Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период 2026 - 2030 година, се планира зголемување на постојните стоки во стоковните резерви кои се опфатени со Законот за стоковни резерви, до ниво кое ќе обезбеди покриеност на потрошувачката за пченица (меркантилна) за минимум 120 дена, пченка (добиточна) за минимум 30 дена, јачмен (добиточен) за минимум 60 дена, ориз за минимум 60 дена, готварска сол (прехранбена) за минимум 60 дена, масло за јадење за минимум 60 дена, моторен бензин Еуросупер БС 95, Еуродизел БС (Д-Е V), Екстра лесно ЕЛ-1 и мазут М-1 НС за минимум 5 дена.

-Со наведената Програма се овозможува дел од стоковните резерви на меркантилна пченица, оризова арпа и сурово сончогледово масло, заради можноста за брза интервенција од стоковните резерви, да се чуваат во вид на брашно Т-500, ориз, како и рафинирано масло за јадење, рече Јанкуловски.
Заменик-министерот Јанкуловски информира дека при пресметка на деновите на покриеност на потрошувачката, во предвид се земени податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за потребни количини на одделни земјоделско-прехрамбени производи во земјава и податоците за реализираната потрошувачка на нафтени деривати во Република Северна Македонија добиени од Државниот завод за статистика или Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија. фф/вг/
Фото: Принтскрин од видео