• сабота, 23 ноември 2024

Предлог-законот за парнична постапка пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања

Предлог-законот за парнична постапка пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) – На денешната седница, членовите  на собраниската Комисија за европски прашања расправаат за Предлог на законот за парничната постапка. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ побараа пауза за да го најдат членот од Деловникот каде што стои дека пратеници не можат да дoговараат процедурално. Претседателот на комисијата, Арбер Адеми на почетокот на седницата информира дека во дискусијата за овој предлог-закон се почитуваат прописите од членот 171а од Деловникот на Собранието. Дискусијата во Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија може да трае најмногу три дена. Според истиот член, посочи Адеми, во генералната дискусија членот на работната група и пратениците може да зборуваат повеќе пати во времетраење од 20 минути, додека координаторот на пратеничката група вкупно 30 минути. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова процедурално рече дека единствена интенција на претседателот на Комисијата со отворање на која било точка е да поминат три дена и да помине законот без да бидат фатени сите забелешки кои тие ги имаат, без контрукстивна дебата, без да се навлезе во суштината на овој како и на сите други закони кои што се ставени на дневен ред. Таа побара министерот за правда Никола Тупанчевски да присуствува на денешната расправа по овој предлог-закон. -Законот за парнична постапка содржи 520 членови, структурирани во четири дела на 32 глави. Претседателе, можеби вие се сметате дека сте добар познавач на правото и сте професор по право, меѓутоа членовите и замениците членови на оваа Комисија не се толку стручни од оваа област за да можат да поминат се и да кажат дека овој е одличен закон без притоа да дебатираат и да дискутираат во однос на истиот. Вие го прекршивте Деловникот и наместо да ја закажете седницата согласно членот 68 кога треба да оставате доволен период на пратениците да се подготвуваат и најмалку 10 дена да оставите од моментот на закажување на оваа седница  на веб сајтот на Собранието, вие истата ја закажавте во петокот и тоа при завршувањето на работниот ден. Очекувате денес пратениците да бидат спремни да дискутираат по законот за парнична постапка. Пратениците не можат да знаат точно за кој закон денеска ќе се дебатира, затоа што повторно може претседателот и владејачкото мнозинство како лото топчиња да извадат еден од законите и да ја отворат расправата по истиот, рече Панова. Адеми одговарајќи и на Панова рече дека се контрадикторни околу тоа дека во петокот е закажано продолжението на оваа седница и оти немале доволно време за да се подготват пратениците. -Од јули лани овој предлог-закон е во парламентарна процедура и пратениците имале доволно време од околу еден месец  за да се запознаат со измените што се направени во овој закон. Јас сум за конструктивна дебата, сум за вклучување на опозицијата за конструктивна дебата, но како може да има конструктивна дебата, кога уште на почетокот на седницата не оставате ниту да се отвори точката. Предлог-законот е во прво читање што е во согласност со Деловникот, на седница може да присуствува државниот секретар на Министерството за правда, додека во второ читање мора да присуствуваат министерот или заменик министерот, рече Адеми. фф/ац/

Остани поврзан