• сабота, 23 ноември 2024

Прв училишен ден за 2.000 основци и 300 средношколци во општина Илинден

Прв училишен ден за 2.000 основци и 300 средношколци во општина Илинден
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) - За 2.000 основци и 300 средношколци во општина Илинден почна новата учебна година, со почитување на сите протоколи препорачани од Министерството за образование и наука (МОН) и Комисијата за заразни болести. Годинава, во трите централни и петте подрачни основни училишта во општина Илинден за прв пат во училишните клупи седнаа 205 првачиња, што е најмногу во споредба со изминатите години, информираат од Општина Илинден. Градоначалникот Жика Стојановски, кој ги посети училиштата на првиот ден од новата учебна година, порача дека се целосно посветени на инвестиции во образованието, како една од најзначајните области за развој на општината. -Ние го започнаваме тој процес во нашите училишта. Мораме да сториме повеќе за образовните потреби на нашите деца да бидат сообразени со барањата на иднината. Со изградба на ново училиште, што започна со градба на 2 Август-Илинден, обезбедуваме квалитетна образовна инфраструктура со просторни услови за одвивање на современа наставна програма, изјави Стојановски. Вкупната вредност на проектот, се вели во соопштението од Општина Илинден, изнесува 1,5 милиони евра. Училиштето на површина од 2400 м2 и оптимален капацитет од 450 ученици, ќе биде изградено до крајот на годинава, а наставата ќе отпочне да се реализира во второто полугодие од оваа учебна година, со воведена целодневна. аа/дма/

Остани поврзан