Прв случај на птичји грип кај овца во Велика Британија: Фармерите повикани на внимателност
- Главниот ветеринар на Обединетото Кралство потврди дека за првпат е откриен случај на птичји грип кај овца на британска фарма во Јоркшир, североисточна Англија, каде болеста веќе била присутна кај живина. Случајот кај една овца бил идентификуван преку повторени позитивни тестови на млеко во рамки на рутинскиот надзор на добитокот на фармата, каде беше потврден птичјиот грип H5N1 кај птиците, пренесува ДПА.

Лондон, 24 март 2025 (МИА) - Главниот ветеринар на Обединетото Кралство потврди дека за првпат е откриен случај на птичји грип кај овца на британска фарма во Јоркшир, североисточна Англија, каде болеста веќе била присутна кај живина. Случајот кај една овца бил идентификуван преку повторени позитивни тестови на млеко во рамки на рутинскиот надзор на добитокот на фармата, каде беше потврден птичјиот грип H5N1 кај птиците, пренесува ДПА.
Откритието следи по појавата на болеста кај млечни крави во САД. Заразената овца беше хумано усмртена, а во остатокот од стадото не е откриена дополнителна инфекција, соопшти владата. Иако ова е прв случај на птичји грип кај овца, официјалните лица истакнаа дека вирусот бил забележан кај добиток во други земји и дека нема зголемен ризик за популацијата на добитокот во Велика Британија. Сепак, тие ги повикаа земјоделците и одгледувачите да бидат внимателни и да применуваат строги биосигурносни мерки за да го спречат ширењето на болеста.
„Потврдивме присуство на птичји грип H5N1 кај една овца на фарма во Јоркшир. Воведени се строги мерки за да се спречи понатамошно ширење. Ризикот за добитокот останува низок, но ги повикувам сите сопственици на животни да одржуваат високо ниво на хигиена и веднаш да пријават знаци на инфекција во Агенцијата за здравје на животни и растенија, изјави главниот ветеринар Кристин Мидлмис изјави.
Националното здружение на одгледувачи на овци (NSA) нагласи дека случајот е ограничен на мала фарма и не претставува ризик за безбедноста на храната. Извршниот директор Фил Стокер рече: „Ова не е закана за потрошувачите, но покажува колку е важна биосигурноста. Во овчарството често мислиме дека тоа се однесува само на купување добиток, но овде овците и живината биле заедно, што довело до пренос на вирусот.“ Тој додаде дека мешањето на видовите треба да се избегнува, особено кога делови од Англија се под задолжително држење на живина во затворено поради птичји грип.
Професорот Иан Браун од Институтот Пирбрајт, водечки центар за изучување на животински болести, рече дека откритието не е неочекувано со оглед на близината со заразени птици, но е рано да се каже дали вирусот може да се шири меѓу овците. „Ова беше изолиран случај на мала фарма со мал број птици и овци“, додаде тој, нагласувајќи ја важноста на одвојувањето на видовите и хигиената. ссм/
фото: архива/илустрација