• сабота, 23 ноември 2024

Прв академски час на Медицинскиот факултет при УКИМ

Прв академски час на Медицинскиот факултет при УКИМ
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - По повод првиот академски час на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски ги поздрави бруцошите на Медицинскиот факултет. - Денес започнувате со нова развојна етапа која бара сериозен пристап, затоа што суштински ќе ви ги дефинира и насочи животите. Ве советувам предизвиците да ги гледате не само како голем стимул за стекнување со знаење, туку како животен кариерен напредок. Тоа е формула што води кон сигурен успех, порача Јанкуловски. Истакна дека заедничките резултати и успеси ќе имаат значаен придонес во перманентниот развој во дејноста на УКИМ и посочи дека во текот на овие седум децении се излезени голем број дипломирани доктори по медицина и дипломирани кадри на тригодишните студии, кои со својата стручност го даваат својот придонес во државата. - Голем дел од нив се докажани и почитувани стручни и научни кадри во својата област и надвор од државата и претставуваат гордост на Медицинскиот факултет во Скопје. Работете вредно, посветете се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори и меѓусебно, додаде ректорот на УКИМ. По обраќањето на ректорот, добредојде им посака и деканката на Медицинскиот факултет, проф. д-р Соња Топузовска. Потоа, во амфитеатарот во деканатот на Медицинскиот факултет, ректорот на УКИМ ги додели индексите на првите десет рангирани ученици на Факултетот. Како што најавија од УКИМ, ректорот Јанкуловски денеска ќе се обрати и на Филолошкиот факултет, Економскиот и Архитектонскиот факултет.  Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки. Со Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет беа  слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра беа наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти. ки/нд/

Остани поврзан