• понеделник, 23 декември 2024

Прв академски час на Економскиот факултет при УКИМ

Прв академски час на Економскиот факултет при УКИМ
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - На Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по повод првиот академски час, на бруцошите денеска им се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. - Драги студенти, светот, регионот и нашата држава забрзано се менуваат. Во некои период имаме успеси, во некои периоди се соочуваме со голем број на предизвици и кризи како сегашната во која се соочуваме--најголемата економска, безбедносна и енергетска криза во последните децении. Ако не можеме самостојно да избираме кога и каде ќе се родиме, тогаш сигурно можеме да влијаеме како и на кој начин ќе учиме, ќе работиме и како ќе живееме за да ја менуваме сегашноста и да ја подготвуваме иднината за да ја исполниме целта на секој човек – да живееме во демократска, отворена, економски развиена држава во која секој граѓанин рамноправно има своја шанса да се докаже и успее, да живее во стабилна, мултикултурна и мултиетничка држава во која владее ред и поредок и тоа е вашата, нашата заедничка потреба, обврска и цел за нашата држава, им порача Ковачевски на идните студенти на Економскиот факултет. Премиерот истакна дека иако сме мала држава со мала економија, тоа не смее да претставува проблем, напротив, треба да биде шанса да се креира внатрешен човечки капитал, систем на вредности и способности да се направи фактор на развој. - Ако интензивно се интегрираме и соработуваме во рамки на регионот преку платформата „Отворен Балкан“, ако имаме целосно сигурност и безбедност со нашето полноправно членство во НАТО, денес пред нас и пред вас се отвора најважниот процес за полноважно членство во Европската Унија. Ги започнавме преговорите, секојдневно трае скрининг процесот и истиот ќе продолжи, кој треба и ќе ја поднесе таа наша највисока државна цел целосно и брзо да успее, вели Ковачевски. Додаде дека огромен успех за државата е да успее да ги задржи младите луѓе, вредностите, народот и експертите, со цел директно да влијаат врз развојот на земјата. За таа цел, тој посочи дека Владата оваа обврска ја презема секојдневно. Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски истакна дека е убаво чувството што се јавува кога го гледа ентузијазмот и желбата за знаење на студентите на овој прв академски час. - После двегодишна пауза заради важечките протоколи како дел од нашата борба против вирусот на Ковид-19, физички се собравме на едно место за да го одбележиме првиот свечен час на новата генерација студенти. Ниту една дигиталните алатка и платформи без кои не можевме да функционираме во изминатиот период, не може во виртуелниот простор да ја долови оваа прекрасна и трпеливо чекана атмосфера, додаде Јанкуловски. Тој потенцира дека припаѓањето на УКИМ е чест и обврска, затоа што знаењето, науката, креативноста и талентот се основни постулати во работењето на Универзитетот. - Пред сите нас стојат многу предизвици. Наша задача, наша желба е да ви пренесуваме знаења, да ве воведуваме во непресушните извори и светските научни дострели. Денеска започнувате со нова развојна етапа, затоа што суштински ќе ви ги насочи вашите животи, истакна ректорот на УКИМ. Тој им порача на студентите да работат вредно, да се посветат максимално на студиите, да соработуваат меѓусебно и со професорите и да се насочат кон нивната утрешнина. - Сите ние, вклучително и нашата држава сметаме на вас и се гордееме со вас, заклучи ректорот Јанкуловски. По обраќањата, деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески свечено ги додели индексите на десетте најдобро рангирани бруцоши на Факулетот. ки/ац/

Остани поврзан