• недела, 22 декември 2024

Првомајска порака на еврокомесарот Шмит: Силна економија е можна само со социјална заштита и работнички права

Првомајска порака на еврокомесарот Шмит: Силна економија е можна само со социјална заштита и работнички права

Брисел, 1 мај 2024 (МИА) - На 1 мај кога го славиме Меѓународниот ден на трудот, размислуваме за напредокот што ЕУ го постигна во текот на изминатата година во унапредувањето на правата и можностите на работниците во Европа, наведува еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит во пораката по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

- Европската година на вештини поттикна револуција во вештините, привлекувајќи го вниманието на креаторите на политики, компаниите и поединците кон важноста од континуирана обука за да се задоволат потребите на пазарот на трудот во ЕУ кој е во развој. Преку иницијативи. како Пактот за вештини, кој обезбеди обука за 3,5 милиони работници само во 2022-2023 година, градиме партнерства за инвестирање во работната сила за иднината. Како што Европската година на вештини официјално го се приближува до својот крај, мораме да го задржиме вниманието на вештините, наведува Шмит.

Еврокмесарот натаму се осврнува на новите правила на ЕУ со кои се отвора простор за подобрување на работните услови, заштита на работничките права, гарантирањето на социјалната заштита или можносите за стажирање на младите.

- Земјите членки бележат напредок во спроведувањето на Директивата за соодветни минимални плати, чиј краен рок за имплементација е ноември оваа година, наведува Шмит, потсетувајќи дека ЕК започна и косултација со социјалните партнери за регулирање на онлајн работењето, со цел да се обезбеди рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот и да се гарантира заштита на менталната и физичката благосостојба на работниците.

Шмит натаму во пораката потенцира дека клучна карактеристика на европската социјална пазарна економија е социјалниот дијалог, во чии рамки е ревидирана директивата на Европскиот совет за работа со што се зголемува улогата на работниците во процесот на консултации за значајни одлуки и е изработен Акциски за справување со недостигот на работна сила и стручно оспособени работници.

- Силна, флексибилна и конкурентна економија е можна само кога е придружена со силна социјална заштита и вклученост. Во текот на изминатите пет години, за време на мандатот на оваа Комисија, ние систематски ги вклучивме работничките права, правичноста и социјалната димензија во сите политики на ЕУ. Иако останува да се направи уште повеќе, можеме да бидеме горди на напредокот што го постигнавме. На сите Ви посакувам се најдобро на овој Ден на трудот, додава Шмит во пораката по повод 1 Мај. сп/рп/

Фото: Конфедерација на европски синидкати (ЕТУЦ)

Остани поврзан