Првите луѓе на повеќе светски медиумски куќи со писмо побараа од Израел да ги заштити новинарите во Газа
- Меѓу медиумските куќи, чии главни уредници пред два дена го потпишале писмото, се Асошиетед прес, АФП, Ројтерс, Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Гардијан, Фајненшл Тајмс, Дер Шпигел и Хаарец.
Њујорк/Лондон/париз, 2 март 2024 (МИА) – Првите луѓе на неколку светски медиумски куќи потпишаа писмо во кое ги повикуваат израелските власти да ги заштитат новинарите во Газа, соопштувајќи дека новинарите работат во невидени услови и дека се соочуваат со „голем личен ризик“ за време на нападите на Израел врз енклавата.
Меѓу медиумските куќи, чии главни уредници пред два дена го потпишале писмото, се Асошиетед прес, АФП, Ројтерс, Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Гардијан, Фајненшл Тајмс, Дер Шпигел и Хаарец.
Во војната меѓу Израел и Газа досега се убиени најмалку 94 новинари, а повеќето од нив, вкупно 89, се Палестинци убиени од израелската армија, наведува Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), што го објави писмото потпишано од шефовите на 59 новинарски организации.
CPJ наведува дека оваа војна е „најопасната досега за новинарите“.
Израел негира дека намерно гаѓал новинари и цивили, велејќи дека само ја напаѓа палестинската исламистичка група Хамас, која владее со Газа и го нападна Израел на 7 октомври.
„Овие новинари продолжуваат да известуваат и покрај сериозниот личен ризик. Тие продолжуваат и покрај загубата на семејството, пријателите и колегите, уништувањето на домови и канцеларии, постојаното раселување, прекините на комуникациите и недостигот на храна и гориво“, се наведува во писмото.
„Новинарите се цивили и израелските власти мора да ги заштитат новинарите како неборци според меѓународното право“, се додава во писмото. сд/
фото:ЕПА