• петок, 22 ноември 2024

Првиот човек на ЕПП пред можна истрага на Јавното обвинителство на ЕУ 

Првиот човек на ЕПП пред можна истрага на Јавното обвинителство на ЕУ 

Брисел, 31 октомври 2024 (МИА) – Канцеларијата на Европското јавно обвинителство во соработка со белгиската полиција ги разгледува наводите за измама и корупција, вклучително и за злоупотреба на фондовите на ЕУ, од страна на лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер во текот на кампањата за изборите за Европскиот парламент во 2019 година. 

Според белгиската полиција, нејзини припадници сослушале три лица, меѓу кои и двајца високо позиционирани членови на изборниот штаб на Вебер, во врска со нивните обврски и активности за време на кампањата за евроизборите во 2019 година. 

Истрагата е фокусирана на тоа дали трите лица противзаконски примале донации од ЕПП и од нејзината Пратеничка група во Европскиот парламент.  

Согласно регулативите на ЕУ, пратеничките групи во Европарламентот се финансирани од Буџетот на Унијата, односно од даночните обврзници во блокот, и тие средства не смеат да се користат за политички кампањи. 

Според полициските извори, тројцата активисти во кампањата на Вебер, кој во 2019 година беше „шпиценкандидат“ на ЕПП, биле испрашувани за сомнежи за сторени кривични дела „фалсификување јавна исправа“, „фалсификување на јавни документи од страна на државен службеник при извршување на должностите“, „прекршување на довербата“, „измама“ и „корупција“. 

Тие биле сослушувани „дали можеби примале компензации од Пратеничката група на ЕПП додека потенцијално вршеле услуги за Европската народна партија поврзани со кампањата во 2019 година“. 

Сепак, засега не се покренати никакви официјални обвиненија во врска со овој случај. 

Двајца од сослушуваните во првата половина на 2019 година дале откази на своите работни места во Европарламентот за да работат за ЕПП, а третиот работел во партијата и пред да биде ангажиран во кампањата на Вебер. 

Последниве години во ЕУ стана стандардна пракса вработени во европските институции да ги  напуштаат своите работни места или да земаат неплатено отсуство за да се ангажираат во изборните кампања, а потоа, по изборите, се враќаат на старите или добиваат нови позиции.  

Пратеничката група на ЕПП, од своја страна, ги отфрли наводите за злоупотреби од нејзина страна, нагласувајќи дека немале информации дека се води некаква истрага.  

- Не ни се обратија ниту од Канцеларијата на Европското јавно обвинителство, ниту белгиските власти, ниту која било друга агенција за спроведување на законот, за каква било можна истрага од кој било вид. Групата ЕПП има ригорозни стандарди во менаџирањето на својот буџет и доброволно се подложува на контрола за проверка на законитоста, соопшти ПГ на ЕПП. 

Портпарол на Вебер, пак, изјави дека ПГ на ЕПП е подготвена за целосно соработка во истрагата, потенцирајќи дека во моментов ниту еден надворешен ревизор „не води постапка за наводна злоупотреба на средства“. 

Вебер од претходно се најде на удар на критики откако беше обелоденето дека како европратеник добива нето плата од околу 8.000 евра месечно, како и уште 14.120 евра надомест како претседател на ЕПП.  

Тој во 2019 година беше „шпиценкандидат“ на ЕПП, што значеше дека ќе биде партиски кандидат за нов претседател на Европската комисија, но не доби поддршка од сите лидери во ЕУ, по што за шеф на извршното тело на блокот беше избрана неговата сопартијка Урсула фон дер Лајен. Тоа сепак не го обесхрабри, па покрај должноста прв човек на ПГ на ЕПП во Европарламентот, што ја извршува од 2014 година, во јуни 2022 Вебер ја презеде и функцијата претседател на партијата. 

Канцеларијата на Европското јавно обвинителство е задолжена за водење истраги за сериозни кривични дела поврзани со нанесување штети на финансиските интереси на ЕУ, за што по правило соработува со националните органи на прогон. 

Обвинителството соопшти дека не коментира тековни истраги, потврдувајќи дека во моментов се истражуваат „наводи за злоупотреба на фондовите на ЕУ извршени во Белгија од членови на Пратеника група во Европскиот парламент“. 

Портпаролот на белгиското Јавно обвинителство, Ерик Ван Дер Сипт изјави дека станува збор за истрага што ја води Европското јавно обвинителство, па затоа не можат да го коментираат случајот. 

Како дел од истрагата за сомнежи за поткуп во деловни зделки за време на Евроизборите во 2019 година, иницирана од антикорупциска управа на Германија, белгиската и германската полиција лани извршија претрес во седиштето на ЕПП во Брисел. Тогаш партијата ги отфрли ваквите обвинување како „неосновани“. Засега нема информации дали актуелната истрагата на Европското јавно обвинителство е поврзана со овој случај. 

Најавите за можна истрага против Вебер, доаѓаат во време кога тој е подложен на критики од страна на високи функционери на ЕПП за начинот на кој раководи со партијата и кога се погласни се барањата за нејзино реформирање. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан