• недела, 22 декември 2024

Првиот вицепремиер Меџити се сретна со американскиот заменик-помошник секретар за Западен Балкан, Касаноф

Првиот вицепремиер Меџити се сретна со американскиот заменик-помошник секретар за Западен Балкан, Касаноф

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, ја започна официјалната посета на Вашингтон со средба со заменикот-помошник секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф.

На средбата, соопштија денеска од Министерството за животна средина, на која Меџити бил придружуван од министерката за енергетика, рудници и минерални суровини Сања Божиновска, го информирал Касаноф за најновите политички случувања во Северна Македонија.

Меџити ја истакнал посветеноста на новата Влада за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зголемувањето на инвестициите во инфраструктурата, енергетиката и образованието, како и за бескомпромисниот ангажман во борбата против корупцијата, проблем кој како што посочил, е наследен, но со кој власта е подготвена решително да се занимава.

Истакнал дека интеграцијата во Европската Унија е стремеж на мнозинството наши граѓани и дека интензивно се работи на забрзување на овој процес.

- САД отсекогаш ни биле силен партнер и сојузник и ви благодариме за блиската соработка што ја имаме како земји членки на НАТО, бидејќи за нас е од витално значење улогата на САД како модел за демократски развој и стабилност, рекол Меџити, се наведува во соопштението.

Заменикот-помошник секретар на САД за Западен Балкан Александар Касаноф за време на средбата ја изразил силната поддршка на САД за Западен Балкан и ја нагласил својата посветеност да и помогне на земјата на патот кон членство во ЕУ, особено, како што стои во соопштението, во време кога се соочуваме со неиспровоцираната руска агресија во Украина. цр/лв/

Фото: Министерство за животна средина

 

Остани поврзан