• понеделник, 23 декември 2024

Прва самостојна изложба на Валдете Ибиши вечерва во Кичево

Прва самостојна изложба на Валдете Ибиши вечерва во Кичево

Кичево, 17 јули 2021 (МИА) - Во уметничкиот салон во Центарот за култура „ Кочо Рацин“ во Кичево, вечера со својата прва самостојна изложба се претстави младата ликовна уметница од Кичево, Валдете Ибиши. Изложбата се состои од 20 дела во техника масло на платно, изработени во последнава година.

Во сите нејзини слики преовладуваат старите куќи изградени во Кичево и Кичевско пред многу години и токму од тие причини и изложбата носи наслов „Прекрасните убавини на старите куќи“.

-Делата кои вечерва прв пат можевте да ги видите на изложбата, ги создавав во последните 12 месеци. Инспирација за да ги насликам овие творби ми дадоа старите куќи што се присутни во Кичево и околните села. Автентичноста на овие градби ме мотивира да создадам една вака колоритна изложба, која покрај во родното Кичево ќе биде претставена и во Тетово, Скопје и други градови во земјава. Многубројното присуство на отворањето, на роднини, пријатели и колеги, уште повеќе ме мотивира да продолжам по зацртаниот пат и да содавам инспиративни дела, какви што впрочем се и  делата на вечерашната изложба, истакна авторката Ибиши.

Меѓу присутните имаше и голем број интелектуалци и луѓе од професорската фела.

-Оваа изложба на стари куќи од Кичево и Кичевско е едно потсетување и за идните генерации на едно минато време, бидејќи таквите куќи се во изумирање. Се надевам дека авторката  и понатаму ќе создава вакви прекрасни дела, какви што вечерва гледаме на нејзината премиерна самостојна изложба, рече  професорот Лулзим Алиу. за/вг/

Остани поврзан