• понеделник, 23 декември 2024

Првата година на Џорџа Мелони: Од радикална десничарка, до пријателка на Западот

Првата година на Џорџа Мелони: Од радикална десничарка, до пријателка на Западот

24 октомври 2023 

Хина

 

„Станавме пријатели“, рече американскиот претседател Џо Бајден во јули. Тој зборуваше за Џорџа Мелони, најдесничарскиот италијански премиер од Мусолини, која ги изненади и Брисел и Вашингтон во нејзината прва година на функцијата со своите прозападни ставови и непоколеблива поддршка за Украина.

И покрај нејзиниот евроскептицизам, 46-годишната Мелони се обиде да биде конструктивна кон Европската унија и нејзините партнери, ако се игнорираат неколку несогласувања со Париз и Берлин во однос на миграциската политика.

Таа решително ја поддржа Украина по руската инвазија и со тоа си обезбеди благослов од Вашингтон за убавите зборови на Бајден од воведот.

Истовремено, таа го утеши своето гласачко тело со даночни намалувања, решителна антиимигрантска политика и негување на традиционалните семејни вредности.

Таа успеа да ја задржи својата партија Браќата на Италија (Fratelli d'Italiа) прва на гласачките места.

-Таа успеа да изгледа како умерен партнер и во исто време да се однесува радикално, објаснува политичкиот аналитичар Луиџи Сказиери.

Тој се прашува, меѓутоа, колку долго ќе трае оваа кревка рамнотежа.

Берлускони 2.0

Нејзината партија, основана во 2012 година, десет години беше маргинална, се додека не победи на изборите во септември 2022 година со освоени 26 отсто од гласовите.

Коалицијата со антиимигрантската партија на Матео Салвини и конзервативната Форца Италија на Силвио Берлускони, кој почина во јуни, е најдесничарската влада во Италија од Втората светска војна.

Според Институтот ЈуТренд, партијата ужива поддршка од 28 отсто од гласачите.

-Владата го намали даночното оптоварување, особено на семејствата, што е важно за конзервативните гласачи, забележува Лоренцо Де Сио, професор по политички науки на Универзитетот Луис во Рим.

Со поголема толеранција кон даночното затајување, таа најмногу ја следи економско-политичката линија на претходните десничарски влади, за да не стане еден вид Берлускони 2.0, илустрира Де Сио.

Конечно, оваа влада „се покажа како помалку радикална од очекуваното“, заклучува тој.

Сепак, Џорџа Мелони не заборави со пораки да ги смирува своите бројни гласачи, со кои се согласува за прашањето на мигрантите, одржувањето на редот и негувањето на католичките вредности.

На тој начин, извршната власт им забрани на локалните власти да регистрираат деца од истополови двојки, кои во Италија немаат право да посвојуваат деца или да користат сурогат мајчинство.

Иако неуморно го брани традиционалниот модел на семејството, еден татко и една мајка, таа лично е послободна кога е бракот во прашање. Во петокот, таа објави дека се разделува со нејзиниот партнер, ТВ водителот Андреа Џамбрун, татко на нејзината седумгодишна ќерка, поради неколку сексистички коментари што ги даде во јавноста.

Имиграција и економски проблеми

Растот на илегалната миграција и слабото економско закрепнување заедно со високите каматни стапки на големиот национален долг се главните проблеми со кои се соочува Мелони по нејзината прва година владеење.

Мигрантската агенда беше клучна во предизборната кампања: и Мелони и Салвини ветија дека ќе го блокираат пристигнувањето на северноафриканските бродови во Италија.

И покрај низата законски предлози, бројот на мигранти годинава е повеќе од двојно зголемен во споредба со минатата година.

Џорџа Мелони ја повика ЕУ да помогне, поддржувајќи го договорот со Тунис кој ги спречува луѓето да ја напуштат земјата и бриселскиот договор за распределба на барателите на азил.

Меѓутоа, резултатите од овие напори бавно се претвораат во реалност бидејќи, според истражувањето на ЈуТренд, имиграцијата е на врвот на листата на причини за незадоволството на гласачите од работата на владата.

И економијата не оди толку добро како што се надеваше, принудувајќи го Рим да ги ревидира прогнозите за раст надолу. Нејзиниот јавен долг исто така треба да биде поголем од предвиденото.

Аналитичарите предвидуваат дека италијанскиот раст следната година ќе биде меѓу најниските во еврозоната.

Ова и отежнува на Мелони да ги исполни ветувањата за намалување на даноците и контрола на долгот на Италија, што изнесува 140 отсто од БДП.

И покрај проблемите во земјата, Мелони досега успеа да го избегне типичниот италијански политички хаос што следеше многу од нејзините претходници.

Поделената опозиција ѝ помогна да ја заостри контролата на власта и да ја задржи својата партија на врвот на анкетите, при што нејзината партија доминира со своите коалициски сојузници.

Аналитичарите сметаат дека дел од централно-десничарските гласачи преминале кон Браќа на Италија од другите две партии и дека тешко дека ќе се разниша односот на силите во коалицијата.

-Мелони дојде по децении политичка нестабилност и гласачи кои лебдеа по партискиот спектар. Земјата сега изгледа уморна од ова, изјави историчарот и политички експерт Џовани Орсина.

фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан