• понеделник, 12 јануари 2026

Пратеничката Костадиновска Стојчевска на состанок на Мониторинг комисијата на ПССЕ

Пратеничката Костадиновска Стојчевска на состанок на Мониторинг комисијата на ПССЕ

Скопје, 9 декември 2025 (МИА) - Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска учествува на состанокот на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што денеска се одржува во Париз. Дневниот ред на состанокот, што се одржува зад затворени врати, го вклучува и Извештајот и прелиминарната нацрт резолуција за пост-мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа со Република Северна Македонија, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од Групата на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, информираат попладнево од собраниската прес-служба.

- Другите точки на дневниот ред за што ќе расправаат членовите на Мониторинг комисијата се напредокот на мониторинг постапката на Парламентарното собрание за периодот од јануари до декември 2025 година, потоа почитувањето на обврските и заложбите преземени од страна на Грузија при приемот во Советот на Европа, почитување на обврските и заложбите од страна на Турција, функционирањето на демократските институции во Словачка, пост-мониторинг дијалогот со Албанија, функционирањето на демократските институции во Босна и Херцеговина, како и почитувањето на обврските и заложбите на Шпанија преземени при членството во Организацијата, се наведува во соопштението.

Се додава дека Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа е одговорна за следење на услогласеноста на земјите-членки со основните демократски стандарди, како што се слободните избори, владеењето на правото, човековите права и судската независност.

- Комисијата има на располагање неколку механизми и тоа целосна мониторинг постапка што подразбира поблизок и поредовен надзор, пост-мониторинг дијалог како полесен систем на следење на преостанатите обврски и давање совети, како и периодични извештаи до Парламентарното собрание за напредокот на секоја земја членка и предлагање резолуции или препораки за понатамошни дејствија, истакнуваат од собраниската прес-служба.

Мониторинг комисијата, нагласуваат, има за цел да ги поддржи земјите-членки во зајакнувањето на нивните демократски институции и исполнувањето на стандардите на Советот на Европа. бд/дма/

Фото: Собраниска прес-служба

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан