• среда, 18 декември 2024

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во скафандер со целосна заштитна опрема од Ковид-19 пристигнува во Собранието

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во скафандер со целосна заштитна опрема од Ковид-19 пристигнува во Собранието
Скопје, 18 април 2021 (МИА) - Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија од СДСМ и коалицијата Можеме Бисера Костадиновска-Стојчевска која е позитивна на Ковид-19, пред малку на совојот Фејсбук профил објави дека во скафандер заштитена ќе оди во Собранието да учествува на денешната седница.
-Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот, пишува Костадиновска-Стојчевска.
Пратеничката нагласува дека нема да дозволи уцени и дека нејзина должност како пратеничка е постојана и благородна.
-И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот - но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата. Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава разлика има меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ односно меѓу тоа да правиш се за народот и да правиш се против народот, објави Костадиновска-Стојчевска.
Во Собранието денеска би требало да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница. Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески тогаш изјави дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19. бк/ац/

Остани поврзан