• сабота, 23 ноември 2024

Пратениците се скараа за земјоделските задруги

Пратениците се скараа за земјоделските задруги

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Првото читање на Предлог-законот за задруги ги скара пратениците. Опозицијата во ова решение препозна, како што рече, можност за реализирање на бизнис интересите на власта во сферата на енергетиката, додека владејачкото мнозинство го бранеше текстот со објаснување дека е согласно европската легислатива.

Со Предлог-законот се уредуваат условите, начинот и постапката за основање на задругите, регистрацијата, работењето, надзорот над работењето и престанувањето на работењето на сите видови задруги, вклучувајќи ги младинските, енергетските, па и земјоделските. Како што стои во образложението, целта е донесување нов, современ концепт што ќе ги опфати сите видови задруги, а преку дефинираните одредби ќе се зголемат бенефитите како за членовите на задругите, така и за корисниците на активностите што ќе произлезат од работата на задругите, во сите сегменти.

За ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичка партија најспорно е тоа што престанува да важи актуелниот Закон за земјоделски задруги, но и тоа што се предвидува земјоделските задруги да бидат под ингеренции на Министерството за економија, а не како досега, во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

-Иако наводно тоа е целта, овој закон нема да донесе правила за користење повеќе обновливи извори на енергија, туку ќе го забрза процесот на претворање на квалитетното земјоделско земјиште во површини за поставување фотоволтаици, а знаеме кој има интерес за тоа. Го укинувате клучниот Закон за земјоделски задруги зашто синот на Заев, сопругата на сегашниот премиер, синот на Ахмети, таткото на Бочварски не се заинтерсирани за земјоделски задруги, тие формираа компании за енергетски бизнис и за тоа се прави овој закон, за полесно да го добијат тоа земјиште. Дополнително, задругите нема да бидат приоритет, ниту ќе имаат стручен, релевантен заштитник со оглед дека одат под Министерството за економија. Ова Министерство нема капацитет за да ја следи оваа област. Затоа сметам дека земјоделските задруги ќе бидат запоставени, но тоа е всушност целта, зашто доминираат интересите во енергетиката. Ако Владата немала задна намера, немаше да го укине Законот за земјоделски задруги, туку ќе донесеше посебен предлог-закон за енергетски задруги согласно европската регулатива, рече Антонио Милошоски.

И Љупчо Димовски не е убеден, како што истакна, дека изградбата на фотоволтаични централи нема да биде на штета на земјоделството. 

-Се прави голема грешка, се враќаме назад, на стартните основи. Изразувам резерва, мислам дека ќе ја изгубиме кондицијата што веќе ја воспоставивме со работењето на задругите. Не сум убеден дека ќе успееме да повлијаеме кај земјоделците да преминат во фаза на пререгистрација. Законот за земјоделски задруги требаше да остане, и натаму да функционира, зашто го прекинуваме дефинираниот тешко воспоставен пат по кој работеа земјоделските задруги. Не сум сигурен дека ова решение ќе биде позитивно, напомена Димовски.

Миле Лефков оцени дека со предложениот закон директно се удира врз земјоделските задруги, а со тоа и врз земјоделците, посебно сега, како што рече, кога и онака се наоѓаат во многу неповолна положба.

-Никој не го спречува донесувањето на законот, ниту се спорат евентуалните придобивки за другите задруги, но која е потребата да се укине целосно Законот за земјоделки задруги? Вкупно 840 земјоделски стопанства се дел од земјоделските задруги кои со новиот закон ќе се укинат. Со предвидената пререгистрација, пак, задругите се префрлаат во Министерството за економија со што се остава простор за злоупотреба и се наѕираат нечесните намери, реагираше Лефков.

Пратениците од СДСМ возвратија дека со новиот закон ниту се укинуват земјоделските задруги, ниту се укинува помошта за нив. Напротив, земјоделските задруги, како што посочија Диме Велковски и Снежана Калевска - Ванчева, ќе станат уште поефикасни, а државната поддршка ќе продолжи и ќе биде регулирана со Законот за земјоделство и рурален развој. Ова, посочија пратениците од СДСМ, е само прво читање што значи дека со амандмани може да се подобри текстот на законот.

-Ниту се укинуват задругите, ниту се укинува помошта. Законот е донесен во 2002 година, а сега само се уредуваат техничките детали. Специфичните задруги, вклучително и земјоделските, не се укинуваат. Сега е прво читање, има можност за амандмани, рече Велковски.

Калевска - Ванчева ги обвини пратениците од опозицијата дека манипулираат.

-Вашата теза нема никаква врска ниту со потребата од донесување, ниту со целта, ниту со суштината, ниту со намерата на овој закон. Не е намерата да се укинат земјоделските задруги. Ако го прочитате Законот ќе видите дека за такво нешто не станува збор. Во членот 4 јасно стои дека за се што не е уредено со овој закон, важи Законот за земјоделство и рурален развој. Помошта за земјоделците, дали здружени во задруги или индицидуално, ќе добиваат помош и тоа не зависи од овој Закон, туку од Законот за земјоделство и руралн развој. Потребни ни се ефикасни задруги, а помошта ни случајно нема да биде укината, ниту е предмет на овој закон, подвлече Калевска - Ванчева.

На пратениците од опозицијата им реплицираше и Маја Морачанин од ДОМ.

-За мене се клучни енергетските задруги, тоа е барање на ДОМ и дел од Програмата договорена со коалициските партнери. Во целиот процес на енергетска транзиција, иако има голем прогрес, тој претежно се однесува на инвестициите на големите компании, но ние сакаме да видиме граѓаните да ги почувствуваат придобивките од искористувањето на обновливите извори и од потрошувачи да станат производители на електрична енергија. Преку самоволно здружување ќе можат да се вклучат во системот на производство и дистрибуција што ќе значи отворање нови зелени работни места, како економски бенефит. Вакви модели и искуства има со децении наназад во држави како Данска и Германија, каде најголем дел од призводството на струја од обновливи извори е од самите граѓани преку различни видови здружувања, истакна Морачанин.

Општата расправа денеска, во рамки на 97. седница беше исцрпена, а за гласањето дека текстот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање, како што рече потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, пратениците ќе бидат дополнително известени. 

Пратениците ќе бидат дополнително известени и за продолжението на денешната работа на Собранието кое по 97. седница, требаше да продолжи со 91-та седница, а потоа и со 95-та седница.

На дневен ред на 91. седница се Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка меѓу земјите од Западен Балкан од областа на меѓусебното признавање дипломи и научни степени издадени од високообразовни и други овластени институции,  Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан, Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија, Советот на министри на БиХ, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балкански медицински наменски сили и нејзиниот персонал, како и Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за соработка во областа на дијаспората.

На 95-та седница, пак, се повеќе точки меѓу кои и Предлог- законот за ратификација на договорот меѓу Европската унија и Република Северна Македонија за учество на Република Северна Македонија во програмата „Царина“ на Унијата за соработка во царинската област, Предлог-законот за ратификација на Протоколот за изменување и дополнување на Договорот помеѓу Страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, како и Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан. мч/бак/

Остани поврзан