• недела, 24 ноември 2024

Пратениците расправаа за дополнетиот Предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство

Пратениците расправаа за дополнетиот Предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство
Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) - Пратениците попладнево во рамки на продолжението на 32. седница, дебатираа за дополнетиот Предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, во второ читање. Гласањето за законот ќе биде дополнително закажано. Целта на законот е превенција и спречување на родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од било каков облик на родово базирано насилство врз жени како и на жртвите на семејно насилство со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Целта на законот се заснова на принципот на еднаквост и елиминирање на стреотипите за родовите улоги. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нагласи дека ова законско решение е надпартиско, без политичка позадина и обединувачко бидејќи, како што рече, сите се соочуваме со насилството врз жени и семејното насилство како многу негативна општествена појава. Информира дека од јануари до септември 2020 година во земјава се случиле вкупно 1.168 насилства. Вкупно 506 од жртвите биле вработени, а 544 невработени. Сведоци или жртви на насилството се 50 малолетни девојчиња и 52 малолетни момчиња, најчесто со нивните мајки во домовите. Министерката потенцира дека е важно да се пријавува насилството и оти ова законско решение треба да не поттикне сите гласно да ја подигаме јавната свест за насилството. Информира дека изречени се 836 мерки во изминатиот период за овие насилници. Според неа, оваа појава треба да не прави будни, организирани преку една мултисекторска соработка на сите алки што го сочинуваат синџирот за борба против насилството. Шахпаска го образложува законот и посочи дека првпат се воведува дека мора да се постапува со должно внимание. Односно сите субјекти, доколку се сведоци на направено насилство или имаат индиции должни се да го пријават, во спротивно за тоа следат санкции и жртвата може да ги пријави на суд. Ги нагласи улогата на МВР, како партнер на МТСП, како и системот на здравствена заштита, образование, општините... Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за да се имплементира ова законско решение ќе биде потребно да се издвојат финансиски средства. Порача министерката Шахпаска да ја продолжи борбата за финансиски средства во Владата, а на жртвите на семејно насилство и родово базирано насилство да го пријавуваат насилникот и да не го трпат насилството. -Законска подлога имаме, само таа треба да ја употребиме за казнување на насилниците, изјави Ласоска. Според неа, институциите кои треба да го спроведат ова законско решение, треба сериозно да ја сфатат задачата која им ја налага законското решение и тоа да биде еден од нивните приоритети. Посочи дека тоа се МВР, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство..., кои преку координативното тело, споменато во законоското решение, треба да помогнат.  Предложи и медиумска кампања. Снежана Калеска Ванчева соопшти дека Собранието, пратениците и Владата имаат капацитет и волја кога станува збор за суштински закони, можат да се износат со процесот и да донесат квалитетно законско решение. Се согласи дека овој закон, низ почитување на сите деловнички процедури за носење во една редовна постапка, активно беа вклучени повеќе комисии, Комисијата за труд и социјална политика како матично работно тело.... -Овој закон покажа дека Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените соработувале и ќе соработуваат особено кога станува збор за спречување на дискриминација, спречување на насилство, овозможување пристап на правда, слобода, слободно изразување на сите.., рече Калеска Ванчева. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за овој закон и се согласи дека МТСП и телото кое во иднина ќе се занимава со оваа проблематика не треба да води само регистар за жртвите на родово базирано насилство, туку да води и регистар на сторителите на родово базирано насилство.  Предложи до МТСП и до Клубот на жени пратенички во иднина нормата за изршено родово насилство врз жена да се воведе како критериум и во други закони, особено во законите за избор на градоначалници, пратеници, министри во Владата и други државни функции... Во расправата се вклучија повеќе пратенички и пратеници, кои дадоа поддршка и изразија задоволство од начинот на донесување на овој закон, спроведената дебата... Гордана Силјановска Давкова истакна дека проблемот постои, тој не само психолошки, туку и социолошки и додаде дека за жал се уште поранливи се жените и децата. Додаде дека ќе го поддржи овој закон. Собранието ја заврши расправата за предлог-законите за измени на законите за детективска дејност и за гранична контрола, како и за измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства. Поради недоволен број пратеници, гласањето за законите ќе биде дополнително закажано. Пратениците се на пауза, а со работа ќе продолжат во 16:45 часот. мд/дма/

Остани поврзан