• вторник, 24 декември 2024

Пратениците расправаат за Дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност

Пратениците расправаат за Дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Пратениците денеска во Собранието расправаат за Дополнетиот предлог на законот за финансиска стабилност, со европско знаменце. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за финансискиот совет информира дека тој предвидува Финансиски совет кој треба да дава, како што рече, некои финансиски рамки и насоки за движењето на владините финансиски политики, но дека неговите мислења не се обврзувачки. Тој смета дека составувањето на ваков Совет во ваков закон е задоцнето и додаде оти Владата требало порано да направи кадровско зајакнување на Министерството за финансии. Милошоски потсети дека за пет години се сменети тројца министри за финансии и нема усогласена стратегија за финансиска политика во државата. Милошоски наведе дека во Финансискиот совет има 13 члена, од кои пет ќе имаат право на глас, а другите ќе немаат. - Во добар дел ваквиот Финансиски совет ќе се користи како параван за одреди промашени финансиски политики, нагласи Милошоски. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта нема намера суштински да се занимава со финансиските проблеми, туку се занимава со симптомите кои, како што велат, најмногу ги чувствуваат граѓаните и стопанствениците. Тие сметаат дека несоодветно работи владиниот економски тим, а изборите се излез од кризата. Пратеникот Диме Велковски од СДСМ за дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност, со европско знаменце, нагласи дека ова законско решение е доставено во собраниска процедура на 23 октомври 2021 година. - Не е по скратена постапка, туку е по редовна постапка. Поминат е на Комисијата за европски прашања,  рече Велковски, додавајќи дека според некои колеги, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ова е класично усогласување со европското законодавство во областа на оваа проблематика, каде се усогласуваат термини. Тој посочи дека не постои никаква друга измена и изрази надеж дека за законско решение пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат позитивно. Во расправата доминираа повеќе теми, како гасификација, енергетска криза, скапа струја, криминал и корупција, сиромаштија, млади кои сакаат да ја напуштат земјава, скапа храна... Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка рече дека најголем дел од граѓаните во земјава на собранискиот канал на МТВ гледаат слика, а немаат звук. Тој соопшти дека и во Собранието нема услови за работа, дека до пред неколку дена не работела веб-страницата на Собранието, оценувајќи дека целта е да се замолчи опозицијата. Мицевски побара од претседателот на Собранието Џафери да обезбеди подобри услови за работа. На дневен ред на 71-та седница се Годишните извештаи за 2021 година работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година. Пред пратениците на оваа седница е и Предлогот за кандидат за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, но и интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска. На дневниот ред е и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, како и Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина и Предлог – законот за изменување на Законот за работните односи. Во собраниската сала од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаше натпис/транспарент „Активна блокада за спас од национална катастрофа“. Заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски ја прекина расправата за Дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност и најави дека 71. седница ќе продолжи в среда. мд/ки/

Остани поврзан