Пратеник и поранешен министер од СИРИЗА пријави обид за следење на неговиот мобилен телефон со софтверот „Предатор“
- Пратеникот и поранешен министер од грчката опозициска партија СИРИЗА Христос Спирѕис до Врховниот суд на Грција денеска достави пријава за обид неговиот мобилен телефон да биде хакиран и след
Атина, 9 септември 2022 (МИА) – Пратеникот и поранешен министер од грчката опозициска партија СИРИЗА Христос Спирѕис до Врховниот суд на Грција денеска достави пријава за обид неговиот мобилен телефон да биде хакиран и следен со софтверот „Предатор“, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова е трет ваков случај во Грција откако новинарот Танасис Кукакис откри дека неговиот мобилен телефон бил хакиран со конкретната програма, а лидерот на ПАСОК – Движење на промена Никос Андрулакис на крајот на јули, исто како и Спирѕис сега, пријави обид неговиот мобилен телефон да биде следен со „Предатор“.
Спирѕис рече дека во ноември 2021 година, кусо откако излегол со соопштение и доставил пратеничко прашање за следење на новинар и адвокат, според текст објавен во грчки весник, во рок од четири дена добил две смс пораки со сомнителни линкови.
Додаде дека ова покажува дека некои сакале да знаат со кои новинари, со кои граѓани разговара, но и да ги следат неговите разговори со претседателот на СИРИЗА, Алексис Ципрас во врска со откритијата во медиумите од тој период поврзани со Националната служба за разузнавање (ЕИП).
-Сакам да ве информирам и да нагласам дека втората порака е истата што им беше испратена на Танасис Кукакис и Никос Андрулакис. Што значи дека тие не биле изолирани случаи на следење. Ниту господинот Кукакис, ниту господинот Андролакис. Трите пораки беа испратени од истиот болен, морбиден, антидемократски и нелегитимен центар. И овој центар е ЕИП Мицотакис, или директно или преку нивна наредба од трети страни. Поради оваа причина сакам да поставам јавни прашања. Господине Мицотакис, ги слушавте разговорите што ги имав со претседателот на СИРИЗА, Алексис Ципрас?, изјави Спирѕис.
По пријавата на пратеникот, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас преку писмо до претседателот на Парламентот Константинос Тасулас достави барање за вонредно свикување на Специјалната постојана комисија за институции и транспарентност во Парламентот „за случувањата во врска со следењата од страна на Националната служба за разузнавање.ср/ссм/