• понеделник, 23 декември 2024

Празникот Тримир со силна традиција во Прилеп

Празникот Тримир со силна традиција во Прилеп

Прилеп, 9 март 2022 (МИА) - Прилепчани денеска го одбележуваат празникот Тримир, кој има силни традиции во овој град.

Тримир е на третиот ден по Велики поклади-Прочка. Меѓу народот се смета како „женски празник“ зашто денеска на посна трпеза мајките ги покануваат  на гости ќерките, младите невести, снаите, девојките. Поканети се за мајките да ги благословат и да ги поучат помладите за хармоничо и почитувано семејство.

Традиционало, адетите за Тримир ги претставуваат жените од здружението „Преродба“ од Прилеп.

Прилепчанката Илка Илиоска вели дека традициите се одржуваат со генерации.

-Уште мојата баба, па мајка ми, а секако и јас ја продолжив традицијата да се собереме за Тримир. Два дена пред Тримир, по Прочка, е строг пост. Дури ни зејтин не се користи. На Тримир ја правиме посната трпеза. Си ги викам ќерка ми, така е адетот, и сите кои се млади невести, кои преку годината се омажиле, доаѓа сваќата, свекрвата, која може да си покани гостинки. Трпезата е посна: гравче, посна сарма, баклава, кравајче и секако блага пченица. Гостинките носат подароци: овошје, боза.  Традицијата е вековита. Тогаш мајките ги поучуваат ќерките за новото семејство, каде се омажиле, да го почитуваат како дома, да имааат меѓусебно разбирање и хармоичност, објаснува Илиоска.

Менче Пејоска од здружението „Преродба“ вели дека трпезата не може да се замисли без блага пченица. Има посебен рецепт, едноставен е, ама има и симболика.

-Порано нашите баби прво, ден пред Тримир, ја просејувале пченицата, се оставала да накисне за да може полесно да се свари. Се внимавало на темните зрна, а денеска е лесно – се купува бела пченица. Се толчат конопни зрна и се додаваат во пченицата. Пченицата е симбол на плодност, а и како што е таа блага, така да биде благ животот во семејството, со благослови и со радост, вели Пејоска.

Мајките денеска ги упатуваат благословите до своите ќерки за хармонично и среќно семејство. Традициите, велат од здружението „Преродба“, ги одржуваат повозрасните за новите генерации да не ги заборават, зашто се полни со симболика за зацврстување на семејствата. ем/мд/

Остани поврзан