По првата рунда преговори со Лондон за идното партнерство, разликите се „многу длабоки“
- Главниот европски преговарач за односите со Обединетото Кралство, Мишел Барние, ги брифираше новинарите за првата рунда преговори за идното партнерство и предупреди дека засега разликите се м
Брисел, 5 март 2020 (МИА) – Главниот европски преговарач за односите со Обединетото Кралство, Мишел Барние, ги брифираше новинарите за првата рунда преговори за идното партнерство и предупреди дека засега разликите се многу големи, но дека сѐ уште верува во договор на крајот од преговарачкиот процес, јави дописничката на МИА.
Оваа недела британскиот и европскиот тим, предводени од Дејвид Фрост и Мишел Барние, остварија серија состаноци на кои се отворени единаесет поглавја, додека безбедноста и надворешните работи засега остануваат затворени, информираше Барние.
Иако има согласност околу неколку точки, има и „многу разлики кои се многу сериозни“, изјави ЕУ преговарачот, кој верува дека тоа е „природно“ по прв круг.
Меѓу несогласувањата се наоѓа судирот околу прашањата поврзани за конкурентноста на пазарите откако ќе заврши транзициската фаза на 31 декември годинава, и кога Обединетото Кралство ќе ја напушти царинската унија и заедничкиот пазар.
Според Барние, британската страна одбива да бидат ставени во официјален документ принципите на фер и слободна конкурентност, ниту пак прифаќа воведување на механизми кои ќе овозможат надзор врз спроведувањето на овие принципи. Барние изјави дека Британците се согласуваат со принципот на фер конкурентност и задржување на високите стандарди на пазарот, но не разбира зошто во тој случај тие одбиваат тоа да биде ставено формално на хартија. Ова е прашање на доверба, рече европскиот преговарач.
Понатаму, Обединетото Кралство одбива по крајот на транзициската фаза да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права, и не прифаќа Европскиот суд за правда да биде одговорен за толкување на ЕУ правото, што претставува проблем за ЕУ во однос на идната полициска и судска соработка и заштитата на личните податоци на европските граѓани.
- Ова е многу сериозно затоа што ако Обединетото Кралство остане на овој став, тоа ќе има последици врз амбициозноста на партнерството, предупреди Барние.
Риболовот останува исто така една од длабоките точки на тензија меѓу двете страни. За време на оваа прва рунда стана јасно дека Обединетото Кралство не сака договорот за риболовот да биде дел од економската спогодба со ЕУ, и бара да се постигнува согласност на годишно ниво за взаемниот пристап до водите на Северното Море.
- Ова е неизводливо, станува збор за стотици видови риби, ова не е како со Норвешка каде се договараме за пет видови, не можеме да го постигнеме тоа за сто видови, и тоа нема да им даде видливост и предвидливост на рибарите, секаков економски и трговски договор ќе мора да вклучува договор за риболовот, изјави Барние.
И покрај овие предупредувања, главниот преговарач на европскиот тим увери дека првата рунда се одвивала во конструктивна атмосфера и верува дека на крајот ќе се изнајде компромис.
- Предизвикот е како два независни ентитета да се договориме за основните правила кои ќе ни овозможат да соработуваме, да тргуваме, да патуваме, задржувајќи ги највисоките стандарди кои ги штитат нашите граѓани, работници, потрошувачи како и планетата, порача Мишел Барние. тм/