• сабота, 23 ноември 2024

По погрешна команда, НАСА го изгуби контактот со „Војаџер 2“

По погрешна команда, НАСА го изгуби контактот со „Војаџер 2“

Канбера, 1 август 2023 (МИА) - НАСА интензивно трага по каков било сигнал од „Војаџер 2“ откако го изгуби контактот со леталото, коешто во мигов е оддалечено милијарди километри од Земјата.

Американската вселенска агенција, за оваа своја програма, користи огромна антена наречена Комплекс за комуникација со далечната вселена, сместена во Канбера, Австралија. Леталото, инаку, денес е оддалечено повеќе од 19 милијарди километри од нашата планета. Пред седум дена, погрешен сигнал оттука предизвика антената на леталото ненамерно да се оттргне од Земјата, т.е контролорите на НАСА случајно испратиле погрешна команда. Иако станува збор за многу мала промена, тоа е доволно за да се прекине комуникацијата со „Војаџер 2“.

Со оглед на оддалеченоста, потребни се повеќе од 18 часа сигналот да допатува од леталото до нашата планета.

„Војаџер 2“ беше лансиран 1977 година од Флорида (САД) за да ги истражува тн. надворешни планети во Сончевиот Систем, а тоа се Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Беше лансиран само неколку недели пред леталото „Војаџер 1“. Инаку, „двојката“ излезе од Сончевиот Систем и влезе во меѓуѕвездениот простор во 2018 година, по откритијата на мноштво нови месечини на Уран, и една на Јупитер.

Антената на НАСА во Канбера наредната недела ќе се обиде повторно да го пронајде „Војаџер 2“ и да ја испрати правилната команда. Ако тоа не успее, ќе треба да се почека до октомври кога леталото автоматски ќе се ресетира со надеж дека тоа повторно ќе ја воспостави комуникацијата со Земјата.  си/ссм/

Фото: Официјалната интернет-страница на Комплексот за комуникација со далечната вселена во Канбера

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан