• недела, 22 декември 2024

По земјотресот во близина на Камчатка, еруптираше вулканот Шивелуч

По земјотресот во близина на Камчатка, еруптираше вулканот Шивелуч

Москва, 18 август 2024 (МИА) - Руските државни медиуми јавуваат дека вулканот Шивелуч еруптирал по земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди источниот брег на Русија. Вулканот е оддалечен околу 450 километри од крајбрежниот град Петропавловск-Камчатски, кој има околу 180.000 жители, пишува Си-Ен-Ен.

-Според визуелните проценки, колоната од пепел се издигнува на дури осум километри надморска височина, јавија руските медиуми утрово, додавајќи дека вулканот исфрлил лава.

Според Американскиот геолошки институт (УСГС), епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 48 километри и на околу 88 километри оддалеченост од Петропавловск-Камчатски.

Руските медиуми наведуваат дека по земјотресот нема информации за поголеми штети, но дека властите превентивно ја проверуваат безбедноста на зградите во околните области.

Полуостровот Камчатка е едно од сеизмички најактивните области во светот поради дејството на пацифичките и северноамериканските тектонски плочи. мс/

фото: Принтскрин „Х“

Остани поврзан