• петок, 22 ноември 2024

По барање на МД „Илинден“ повеќејазична табла ќе постави и Комитетот за национални малцинства во Тирана

По барање на МД „Илинден“ повеќејазична табла ќе постави и Комитетот за национални малцинства во Тирана

Тирана, 18 јуни 2024 (МИА) - По барањето на Македонско друштво „Илинден“ - Тирана повеќејазична табла, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, ќе бидe поставена на зградата каде е сместен  Комитетот за национални малцинства во Тирана.

- Ова е уште еден успех на нашето друштво и за сите Македонци во Албанија, но и другите малцинства.  Комитетот за национални малцинства е владина институција во која членуваат претставници од сите признати национални малцинства. Сега како што сме официјално информирани натписот на институцијата ќе биде повеќејазичен, што значи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Потсетува дека друштвото на 31 јануари минатата година доставило барање до Комитетот за поставување на повеќејазична табла, а по десетина дена добило позитивен одговор.

- Но, помина повеќе од една година, а таблата не беше поставена. Поради тоа  на 25 април годинава испративме  реакција до повеќе институции во Република Албанија, меѓу кои и до Народниот правобранител. Народниот правобранител го разгледа барањето, излезе во пресрет и се ангажираше да се постави повеќејазична табла на зградата на Комитетот, вели Ѓурѓај.

Изразуваме,  посочува, голема благодарност до Народниот правобранител и вработените во таа институција, за нивното ангажирање за конечно да биде поставена повеќејазична табла.

Претходно по барање на МД „Илинден“ повеќејазични табли поставија  Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител. вт/мд/

Остани поврзан