• петок, 22 ноември 2024

Почнува третиот Скопски поетски фестивал

Почнува третиот Скопски поетски фестивал

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење.“, вечерва во киното „Фросина“, официјално започнува третиот Скопски поетски фестивал.

На отворањето ќе настапат: Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето ќе биде придружено со музичка импровизација на дувачки инструменти. Ќе свират Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.

Фестивалскиот ден започна со утринска јога со поетска медитација водена од Марија Георгиева, во Паркот на франкофонијата.

Во градската библиотека „Браќа миладиновци“ ‒ Скопје со почеток од 11:00 часот ќе се одржи мастерклас, односно, работилница за креативно пишување поезија што ќе ја одржи Имануел Мифсуд, поет и универзитетски професор од Малта.

Во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како што е најавено, ќе се одржи читачката промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, издание на ПНВ Публикации, на која ќе настапат дури триесетмина од застапените четириесет и два млади поети и поетеси.

Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“. цр/ац/

Фото: Скопски поетски фестивал

Остани поврзан