• среда, 18 декември 2024

Почнува реконструкцијата на „Расадник“, салата ќе добие простор за ракомет, баскет, мал фудбал, одбојка и деловен простор

Почнува реконструкцијата на „Расадник“, салата ќе добие простор за ракомет, баскет, мал фудбал, одбојка и деловен простор

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода со реконструкција ќе добие простор за ракомет, баскет, мал фудбал, одбојка, како и деловен простор. Проектот за реконструкцијата чини 120 милиони денари, обезбедени преку Министерството за спорт, а согласно договорот, рокот на изведба е 20 месеци.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на салата, изјави дека „Расадник“ ќе добие нов, современ и модерен лик, кој ќе биде дом на многу спортски клубови.

- Нешто коешто со децении е оставено да пропаѓа со времето, сега започнува да се реновира, реконструира, и да добива еден нов современ, модерен лик, којшто ќе биде дом на многу спортски клубови. Можно е ракометниот клуб „Вардар“ да се пресели овде и ова да биде, официјален дом на ракометниот клуб „Вардар“. Ќе продолжиме да инвестираме, рече Мицкоски.

Тој најави уште инвестиции во периодот што следи на целата територија на државата. 

-Нема да застанеме тука. Во периодот којшто следи очекувајте уште многу инвестиции, во сите општини на целата територија на државата. На почетокот од следната година имаме нов повик за општините да аплицираат со нови проекти, проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на граѓаните. Ќе се бориме со многу работа со многу труд, со многу енергија, против сите оние коишто сакаат да не влечат назад во минатото. Тоа е она коешто го очекуваат граѓаните од нас како Влада, а јас како прв човек на Владата ќе продолжам да работам во таа насока, рече Мицкоски.


 Министерот за спорт Борко Ристовски најави дека салата ќе биде реконструирана за многу брзо време, со добра соработка меѓу локалната самоуправа и Министерството.

-Горд сум на она што успеавме да го направиме за толку кратко време. Она што го ветивме во предизборието да го реализираме со проекти и со опточнување на градба, тоа е комплетна реконструкција на салата Расадник, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но беше и дом на многу деца, на многу генерации кои се занимаваа со спортот од секаков вид. Проектот за реконструкција чини 120 милиони денари, и иако рокот на изведба по договор е 20 месеци, мислам дека со добра соработка со економскиот изведувач, како и со поддршка од локалната самоуправа, ќе го завршиме за многу пократко време, рече Ристовски.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски изјави дека овој проект е од сентиментална вредност за сите жители на Општината.

- Оваа сала е доказ за тоа како 30 години наназад не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале а не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата, од денеска па наваму овде се менува приказната и повторно овде ќе биде место каде што ќе се собира нашиот народ, каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај во минатото. Се надевам дека за неколку месеци од денес, ќе ја отвориме заедно со премиерот и со министерот, рече Ѓорѓиевски.бт/лв/

Фото: Општина Кисела Вода, Влада

Остани поврзан