• понеделник, 23 декември 2024

Почнува Патувачкото кино на „МакеДокс“

Почнува Патувачкото кино на „МакеДокс“

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Почнува Патувачкото кино на здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ кое е во симбиоза со истоимениот фестивалот на креативен документарен филм. Патувачкото кино е во својот стандарден формат на реализација по завршувањето на фестивалот „МакеДокс“, кој годинава се одржа од 17 до 24 август во Скопје.

Филмската програма на 14-то Патувачко кино на „МакеДокс“ ќе се прикаже во два термина од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе и од 14 до 17 септември во велешкиот регион.

Како што известуваат од организацијата на „МакеДокс“, на годинашното Патувачко кино присутни се два нови моменти, и тоа преднастанот што се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“, каде беа прикажани два креативни документарни филмови и со што почна Патувачкото кино, како и  вториот новитет што ќе се случи пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември, кога ќе биде промовиран музички албум на бард на македонската и Екс-Ју музичката сцена.

- Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси 100-ина села и помали градови низ цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од оваа година фокусот на Патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места каде што ќе се одржуваат проекциите, посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.

Филмските проекции под отворено небо на годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Свети Николе, на 8 септември, во село Горобинци на 9 септември, Ерџелија на10 септември и Мустафино на 11 септември, додека во велешкиот регион на 14 септември ќе има проекција во село Чашка, на 15 септември во село Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации ќе започнува во 19.30 часот, а влезот ќе биде слободен.

Од „МакеДокс“ нагласуваат дека покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава.

Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „МакеДокс“. сан/са/

Фото: „МакеДокс“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан