• понеделник, 23 декември 2024

Почнува изработка на Стратегија за безбедноста во сообраќајот во општина Кочани

Почнува изработка на Стратегија за безбедноста во сообраќајот во општина Кочани

Кочани, 4 јули 2023 (МИА) – Локалната самоуправа на Кочани по сопствена иницијатива почнува со изработка на Стратегија за безбедноста во сообраќајот, со што ќе биде меѓу првите општини во државата што ќе поседува плански документ за решавање на проблемите и приоритетите во наредниот период.

Активностите почнаа денеска со оформување работна група која ќе учествува во дефинирањето на главните цели во Стратегијата, а што потоа ќе се дефинираат во конкретни и оперативни точки со планирани рокови и начини за реализација.

- Во работната група има претставници од повеќе локални институции, компании и граѓански здруженија кои се стручни во областа на сообраќајот или пак се засегнати од проблемите што подолг период се актуелно во оваа сфера. Во наредниот период ќе се идентификуваат потребите, ќе се постават целите и ќе се направи визијата за развој на подолг рок. Преку анализа на кое ниво е сообраќајот во Кочани сега, а каде треба да биде и што сакаме да постигнеме во иднина, ќе се потрудиме да изработиме стратешки документ што треба да помогне во зголемувањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, истакна Жаклина Пауновска Анѓелковиќ, овластена инспекторка за патен сообраќај во Општина Кочани.

Стратегијата треба да биде сеопфатна, реална и спроведлива на долг рок, а покрај планирањето и решавањето на сообраќајната инфраструктура, сигнализацијата и просторните услови, ќе вклучува и активности за подигање на јавната свест и унапредување на сообраќајната култура на граѓаните.

Изработката на стратегијата за сообраќај ќе биде финансирана со сопствени буџетски средства на Општина Кочани. По иницијатива на Министерството за траснспорт и врски, а со поддршка од Светската банка, стратегии за сообраќај треба да добијат уште пет општини во државата. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан