• четврток, 21 ноември 2024

Почнува изградба на спортска сала во ПОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром

Почнува изградба на спортска сала во ПОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Во Подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром во општина Ѓорче Петров денеска беше поставен камен-темелник за изградба на спортска сала на површина од 476 квадратни метри.  Во градењето ќе се користат енергетски ефикасни и еколошки материјали за салата да биде функционална и одржлива на долг рок.

Со новата спортска сала, училиштето, кое има 493 ученици, ќе добие соодветен простор за часовите по физичко воспитување, како и за развој на спортски активности. Објектот ќе може да го користат  и жителите на општината  за организирање локални спортски настани и активности.

Салата ќе се гради со приближно 20 милиони денари од буџетот на Општина Ѓорче Петров. Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека сами го финансираат проектот со кој, рече, „решаваат горлив проблем“ за граѓаните на Ѓорче Петров. Очекува спортската сала да биде изградена до април. 

-Со овој проект конечно и 500 дечиња кои учат во ова подрачно училиште во Хром ќе добијат услови какви што заслужуваат и какви што имаат и сите други деца на територијата на Општина Ѓорче Петров. Но и сите спортисти на територија на општината ќе може да ја користат оваа спортска сала, изјави Стојкоски по поставувањето на камен-темелникот заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, советници од Општината и нејзини жители.  

Посочи дека се планира и уште една доградба во ова училиште во соработка со МОН и дека ќе се насочат целосно да биде решен просторниот проблем во ова училиште. 

-Затоа што Хром е најбрзорастечка населба во општината, која е урбана и ова и е навистина потребно, додаде градоначалникот. 

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека оваа инвестиција од буџетот на Општината  „покажува дека Македонија се гради и дека граѓаните ќе ги добијат оние услови коишто се потребни за поголем квалитет во нивниот живот“.

-Повторно Македонија се гради после долгогодишен застој, конечно почнуваме да го надополнуваме тоа што годините зад нас беше запустено, заборавено, а ветувано, неисполнето. Честитам за ваков тип проекти. Како Влада продолжуваме сето ова да го поддржуваме и во периодот којшто следува. Завршен е повикот за аплицирање на проекти што ќе бидат финансирани од централниот буџет, рече премиерот. 

Соопшти дека Општина Ѓорче Петров доставила проекти до Министерството за локална самоуправа дека очекува следната недела да има список на проекти коишто ќе бидат финансирани и процесот, како што рече, да почне од првата недела или првата половина на октомври. 

-До крајот на октомври да бидат завршени тендерските процедури и веќе првата половина на ноември офанзивата да продолжи. Доколку временските услови дозволат, во текот на зимата да имаме навистина огромна теренска активност и градба на нови проекти и веќе следната година дел од нив и да ги завршуваме и да ги пуштаме во употреба. На почетокот на следната година, ќе ве потсетам, повторно ќе имаме таков повик. Во првичната верзија од Буџетот којашто се прави за 2025 година предвидени се 15 милијарди денари за ваков тип на проекти и веќе општините ќе можат уште еднаш да аплицираат со проекти коишто ќе значат поквалитетен живот на нашите сограѓани, истакна Мицкоски по поставувањето на камен-темелникот. 

Додаде дека никогаш досега од независноста на државата не се случило само за една година да има повеќе од 20 односно 21 милијарда денари инвестирани од централниот буџет за општините. хс/са/

Фото: Влада / МИА 

 

 

 

Остани поврзан