• понеделник, 23 декември 2024

Почна 23. издание на фестивалот „Битола отворен град“

Почна 23. издание на фестивалот „Битола отворен град“

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Во Битола почна 23. издание на фестивалот „Битола отворен град“, кој продолжува да биде промотор на урбаната култура, славејќи ги креативноста, музиката и духот на заедницата.

Фестивалот, како што е наведено во соопштението од МКЦ - Битола, бил отворен со изложба на женски стрипови во соработка со Стрип центарот од Велес. Синоќа се одржала и панел-дискусија на тема „Позицијата на младите уметници денес - искуства од пракса“, каде се дискутирало со „Ремонт“ - независна културна асоцијација од Белград, Србија - говорниците Марија Радош, Мила Стојановиќ и Невена Остојиќ.

Љубителите на музички настани, како што е најавено, ќе може да ги проследат настапите на „Ареа“, „Архангел“, „Ile the Hair“.

Извршниот директор на фестивалот Златко Талевски во писмена изјава ја истакнува посветеноста на овој фестивал да испорача врвна музика и концертна продукција.

Ден на креативни индустрии е нешто ново годинава, каде, како што е најавено, ќе учествуваат повеќе од десетина изложувачи од светот на модата, дизајнот и одржливите практики.

- Присутните ќе имаат можност директно да се вклучат со овие креативни претприемачи, истражувајќи ги најновите трендови и идеи во индустријата. Дополнително, фестивалот ќе го оживее својот креативен камп, каде ќе учествуваат 12 млади уметници од Србија и Македонија. Под менторство на ликовен педагог, тие ќе се вклучат во колаборативен креативен процес, што ќе кулминира со изложба и премиера на краткиот филм „Слобода“ на Златко Гелевски, се додава во соопштението.

Сашо Додовски, директор на МКЦ - Битола, кој е организатор на фестивалот, во писмена изјава ја нагласува клучната улога на волонтерите.

- Веќе 22 години, волонтерите се чукање на срцето на „Битола отворен град“, кои ги водат сите наши активности и го отелотворуваат фестивалскиот дух, смета тој. бд/дма/

Фото: МКЦ - Битола

Остани поврзан