• понеделник, 23 декември 2024

Почна со работа Градскиот базен во Охрид

Почна со работа Градскиот базен во Охрид
Охрид, 4 јули 2022 (МИА) - Околу 300 деца, од кои некои ќе учат да пливаат, а други ќе ги усовршуваат пливачките техники во реконструраниот градски базен „Атина Бојаџи“ што денеска официјално беше ставен во функција. Реконструкцијата е инвестиција на Општина Охрид и јавното претпријатие „Билјанини извори“, а за следната година градоначалникт Кирил Пецаков најави уредување на просторот околу базенот. - Како Локална самоуправа успеавме за кратко време да ги санираме базените, односно да се обојат коритата на олимпискиот и детскиот базен, а уредени се и трибините, кои беа во распаѓање. Сето ова се прави првенствено за пливачките школи да може да тренираат, бидејќи пливањето е еден од најдобрите спортови за равзој на нашите деца, истакна Пецаков. Потсети дека Охрид бил расадник на млади и успешни пливачи, а целта му е тоа да се возобнови. - Порака до сите кои денеска прв пат ќе се сретнат со пливањето, но и до поискусните никогаш, ама никогаш немојте да се плашите да изгубите. Единствен начин да докажете дека сте добри во спортот е да изгубите и со кренати глави да го поднесете поразот, бидејќи тоа ќе ви укаже каде грешите и каде треба да се подобрите. Надрградувајте се постепено и успехот ќе биде неизбежен, им порача градоначалникот на младите пливачи. Квалитетот на водата во базените и безбедноста на корисниците, за директорот на ЈП „Билјанини извори“ Теодор Андоноски се главен приоритет. - И затоа одлучивме стартот на средувањето на градскиот базен да биде токму од таму. Можеби за некој од нас кога ќе ги гледаме годините наназад и се што се правело или не околу подобрување на условите на базенот ова е голема работа. Верувајте дека за мене и нашата визија ова треба да биде само почетокот кон комплетно реконструирање на целиот комплекс кој е околу нас. Со заедничка соработка во иднина да успееме да добиеме пливачки комплекс, кој ќе претставува спортски симбол на градот каков што сите заслужуваме, рече Андоноски. Градскиот базен „Атина Бојаџи“ од 15 до 18 јули ќе биде домаќин на Државно првенство во пливање, а овој месец ќе се одржи и Меѓународен митинг, на кој ќе настапат пливачи од Србија Бугарија и Македонија во организсција на пливачкиот клуб „Аква спирит“. сс/дма/

Остани поврзан