• сабота, 23 ноември 2024

Почна реконструкција на подрачното училиште во кумановското село Љубодраг

Почна реконструкција на подрачното училиште во кумановското село Љубодраг
Куманово, 21 мај 2022 (МИА) - Почнаа подготовките за реконструкција на основното училиште „Карпош“ во кумановското село Љубодраг, информираа денеска од општината и од училиштето. - Во тек е подготовка за целосна реконструкција на ООУ „Карпош“, подрачно училиште во село Љубодраг. Со реконструкцијата е опфатено поставување на целосно нов кров, енергетско ефикасна фасада, прозорци, врати, подови, греење, пристапна рампа и тоалети адаптирани за лица со попреченост, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Проектот, финансиран од Министерството за образование и наука и поддржан од општината, предвидува реконструкција на покривот, подовите и тоалетите, замена на прозорците и вратите, како и изградба на нов систем за парно греење на пелети. Објектот ќе добие и енергетски ефикасна фасада, нова водоводна инсталација, но и адаптација на санитарните јазли и пристапни рампи за ученици со попреченост. - Со реконструкцијата се очекува да се обезбедат поквалитетни услови за изведување на наставата во ова училиште во кое учат 36 ученици во четири паралелки од прво до петто одделение, со тоа што во комбинирана паралелка учат четврто и петто одделение. Од шесто до деветто одделение овие ученици ја следат наставата во централното основно училиште „Карпош“ во село Умин Дол, каде што реконструкцијата на училишната зграда е во завршна фаза, изјави директорката на училиштето, Тања Тодоровска. Реконструкцијата со адаптација на подрачното училиште во село Љубодраг ќе се реализира во рамките на проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“, со поддршка на Министерството за образование и Општина Куманово. Надлежните од училиштето и претставниците од МОН и општина Куманово, изведувачот и надзорот потпишаа договор на почетокот од мај, годинава. Изведувачот има рок од четири месеци да го заврши проектот и се очекува учениците од ова подрачно училиште од наредната учебна година да следат настава во реконструиран објект. - Ова е прва темелна реконструкција од кога е изградено училиштето од средината на 70-тите години на минатиот век, изјави Тодоровска. ам/цр

Остани поврзан