• понеделник, 23 декември 2024

Почна поставување на енергетски ефикасна фасада во средното училиште „Наце Буѓони“ Куманово

Почна поставување на енергетски ефикасна фасада во средното училиште „Наце Буѓони“ Куманово
Куманово, 3 јули 2021 (МИА) - На фасадата на средното стручно училиште „Наце Буѓони“ од Куманово почна поставување на енергетски ефикасна, информираа денеска надлежните од училиштето. Градежните активности се во тек и треба да завршат до крајот на распустот. Наскоро ќе почне и реконструкција на покривот на работилницата. - Ние ќе бидеме едно од ретките училишта во градот кое ќе добие енергетски ефикасна фасада. Проектот беше изработен, помина ревизијата, добивме дозвола за градба, завршен е тендерот. Со завршување на фасадата очекуваме значително да се подобрат условите за изведување на наставата и заштеда на енергијата, изјави директорот на училиштето, Драган Јаневски. Лани, средното стручно училиште „Наце Буѓони“ од Куманово набави училишен мебел за кабинетска настава, за што беа одвоени над 500.000 денари. Во училиштето, неодамна заврши партерното уредување околу училишната зграда, игралиштето и новоизградената спортска сала, заменета е и надворешната столарија, прозорци, поставена беше и инсталација за греење во работилницата. За партерното уредување беа одвоени, 3,3 милиони денари, додека за централно греење и фасадна столарија од општинскиот буџет беа одвоени по 2, 2 милиони денари. Минатата година, со средства од МОН беше изградена спортска сала. Во зградата на поранешен „ЗИК“ беа реновирани кабинети каде настава следат ученици од машинска струка на албански наставен јазик, а привршува доуредувањето на медицинскиот кабинет во истурената зграда на ЗИК. Учениците од идната година ќе следат настава и преку паметни табли поставени за учениците кои следат настава  и на македонски и албански  јазик. Ова училиште продуцира кадри за потребите на реалниот сектор, а настава следат околу 2.000 ученици. ад/свс/

Остани поврзан