• сабота, 21 декември 2024

Почна полнењето со вода на земјоделските површини и сеидбата на оризот во Кочанско

Почна полнењето со вода на земјоделските површини и сеидбата на оризот во Кочанско

Кочани, 12 април 2024 (МИА) – Земјоделците од кочанското село Оризари годинава официјално први ја почнаа сеидбата на оризот, а вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани веќе ги полнат земјоделските површини со зафаќање на проточните води од Оризарска Река.

Со планот за наводнување за оваа година предвидено е да бидат опфатени над 4.200 хектари, од кои со ориз ќе има околу 3.800 хектари. На почетокот на сеидбената сезона на оризовите ниви во месноста Големо Поле кај Оризари присуствуваше и министерсот за земјоделство, Љупчо Николовски, при што најави дека има зголемување на површините што ќе се сеат.

-По сите договори и координации што ги имавме со претставниците на водстопанското претпријатие, водата навремено е пуштена во оризовите површини и го најавуваме почетокот на сезоната за наводнување. Хидросистемот „Брегалница“ и акумулацијата Калиманци имаат доволна количина вода, а овде имаме 200 нови хектари што се должи на успешните мерки и политики што ги креиравме заедно со оризопроизводителите. Со измените во законот за стокови резерви го исполнивме нивното барање за поголема сигурност, оризот стана стратешка култура., што значи во случај на вишок или нарушување на пазарот, државата ќе може да интервенира. Беше креириран и интервентниот фонд како алатка за поддршка, во зависност од потребата, истакна Николовски.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ информираа дека подготвителните активности за пуштање на водата во каналите на хидросистемот се при крај, а акумулираните количини треба да обезбедат нормална реализација на сезоната за наводнување.

-Во браната Калиманци има 106 милиони кубни метри вода, што може да биде гаранција за успешна наводнителна кампања. Веќе се пуштаат проточните води, а од 25 април ќе почне да се користи и водата од акумулациите. Повеќе од 85 отсто од вадите и каналите се исчистени и очекуваме следната недела тоа целосно да заврпи, истакна Благојчо Богатинов, ракводител на водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани.

Освен за оризовите полиња во Кочанско, вода од хидросистемот „Брергалница“ ќе биде обезбедена и за оризовите површини во соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Пробиштип. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан