• понеделник, 23 декември 2024

Почна пленарната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година 

Почна пленарната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година 

Скопје, 12 август 2024 (МИА) – Собранието во рамките на 12-тата седница ја почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2024 година која може да трае најмногу три дена. Со првичниот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи беа планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.  Комисијата за финансирање и буџет во текот на амандманската расправа за ребалансот на Буџетот прифати два амандмана, за исплата на административците кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, како и за платено политичко рекламирање.

Со првиот усвоен амандман се предвидени 318 милиони денари за изборната администрација, а со вториот 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање, средства кои се наменети за исплата на законски обврски.

Како што информира во експозето министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, дополнително, Владата по пат на реалокација обезбеди средства за повеќе комисии, агенции, совети, инспекторати, министерства и општини, како и за народниот правобранител и за одбележување на годишнината од склучувањето на Рамковниот договор.

Ребалансот на Буџетот за 2024 година Димитриеска Кочоска го оцени како обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика. 

-Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Законот во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, рече Димитриеска Кочоска.

Тоа, како што кажа, го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни шест милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. 

-Тоа е еден од факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината, потенцира Димитриеска Кочоска.

Претходно без расправа Собранието ги усвои првите шест точки на дневиот ред на седницата. вј/aa/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан