Почна обновата на старото училиште во Љубојно што ќе прерасне во центар за промоција на македонскиот јазик
- Почна реконструкцијата на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно и негова адаптација во центар за промоција на македонскиот јазик. Планираните активности на училишниот објект каде на 15 ноември 1945 година е одржан првиот час по македонски јазик, според ресорната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска ќе бидат завршени до крајот на следната година.
Ресен, 18 март 2024 (МИА) – Почна реконструкцијата на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно и негова адаптација во центар за промоција на македонскиот јазик. Планираните активности на училишниот објект каде на 15 ноември 1944 година е одржан првиот час по македонски јазик, според ресорната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска ќе бидат завршени до крајот на следната година.
При денешниот увид на реализацијата на проектот, Костадиновска Стојчевска рече дека во изминатиот период надлежната установа Завод и Музеј Битола со стручните тимови и со сите инволвирани во процесот работеле со многу трпение, посветеност и професионалност во исполнување на бројните неопходни чекори за остварување на визијата за модерен центар за промоција на Љубојно, на Преспа и на македонскиот јазик и идентитет.
-Како генерација го исполнуваме долгот за зачувување и на архитектонското наследство што како вредност го има ова старо училиште во историјата на македонската уметност, како и долгот кон просветителската и општествена улога што училиштето ја има за едукација на македонскиот народ, Со изградба на центарот за промоција на македонски јазик ја искажуваме нашата почит кон сите учители и ученици кои на ова место се образувале уште од крајот на 19. и почетокот на 20 век, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.
Таа потсети дека проектот почна со прогласување на село Љубојно за заштитна споменична целина, по што беа изработувани сите елаборати и проекти за да се добие градежната дозвола и да може да почне градбата.
-Владата, Министерството за култура и НУ Завод и Музеј, со сето срце и одговорност се заложија објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и на сите просветните работници, како и во чест на сите оние на кои споменот на школските денови во старото училиште се повеќе од спомени. Центарот за македонски јазик ќе биде наш заеднички паметник за кој до крајот на наредната 2025 година со задоволство ќе речеме – амантетот го исполнивме, рече Костадинвска Стојчевска.
Владата на седница во јануари лани донесе одлука старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно да се адаптира во центар за промоција на македонскиот јазик. Објектот има историска вредност бидејќи на 15 ноември 1944 година првпат во Преспа, Љубојно е почната настава на македонски јазик. Постапката за негова реконструкција и ревитализација како центар за промоција на македонскиот јазик е на иницијатива на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола. мт/лв/