Почна доделувањето на над 6000 ваучери за набавка на инвертер клима-уреди за домаќинства
- Над 6000 (6182) ваучери за набавка и вградување инвертер клима-уреди за домаќинства почнаа да им се доделуваат денеска на граѓани низ државава кои аплицирале и ги исполниле критериумите од јавниот повик објавен од Министерството за економија во февруари годинава.
Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Над 6000 (6182) ваучери за набавка и вградување инвертер клима-уреди за домаќинства почнаа да им се доделуваат денеска на граѓани низ државава кои аплицирале и ги исполниле критериумите од јавниот повик објавен од Министерството за економија во февруари годинава.
На веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk пред неколку дена беа објавени списоците на избрани корисници и на правни субјекти (продавници) со кои се склучени договори за реализација на ваучерите. Граѓаните нив може да ги искористат за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024, а по тој датум неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.
Министерството за економија беше надлежно за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и за избор на правните субјекти каде ќе може да се искористат ваучерите, а новото Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање на доделувањето на ваучерите. Тие се подигнуваат во специјални регионални канцеларии во општините низ државава.
Министерката Сања Божиновска присуствуваше на доделувањето на ваучерите во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и за медиумите соопшти дека низ целата држава ќе бидат доделени 6182 ваучери со вкупна вредност од 155 милиони денари.
-Имаме седум категории и две програми – за енергетска ефикасност и за ранливи потрошувачи. Процесот во февруари го почна Министерството за економија од каде што имаше петчлени комисии. Процесот траеше до 15 октомври, на 21 октомври ние ги добивме списоците, што значи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини само го спроведува доделувањето на ваучерите и не бевме никако инволвирани во процесот. Со цел да им овозможиме подобра распределба на граѓаните, денеска на 30 места во Македонија ќе бидат доделени ваучерите. Во Скопје и Битола во спортските сали, а во останатите места ќе бидат во соработка со Агенцијата за вработување, изјави Божиновска.
Во спортските сали во Скопје и Битола и утре од 9 до 17 часот ќе се доделуваат ваучерите. Одѕивот во Скопје е голем, рече таа, но ако не бидат врачени денеска и утре, ќе може да се подигнат во Министерството, на ул. „Македонија“ бб, до крајот на месецот (30 ноември), до кога е и рокот за нивно искористување. За нивно инсталирање не е предвиден рок, но очекува дека ќе нема злоупотреби со препродавање и слично и дека сите граѓани што добиле ваучери, рече, ќе купат и ќе вградат инвертери во своите домови.
-Затоа што како Влада сакаме да помогнеме за инсталирање инвертери. Доколку некој прави нешто што е спротивно на законот, тоа ќе биде санкционирано. Меѓутоа, ние се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби затоа што ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност, рече Божиновска.
На прашање дали граѓаните ќе имаат доволно време и дали ќе се продолжи рокот за купување на клима-уредите, таа одговори дека ако не е доволно ќе преземат правно издржани чекори, нагласувајќи дека им е најважен интересот на граѓаните.
-Може и да се продолжи, но ќе следиме и ќе видиме како ќе се одвива бројот на искористени ваучери. Има уште 24 дена, сепак не е толку голем број, но сакаме сите да бидат сите искористени, додаде министерката.
На новинарско прашање за жалби дека ваучери биле доделени „по партиска линија“, Божиновска одговори дека слушнала за „неколку поплаки“.
-Ги охрабрувам сите што сметаат дека не било во ред процесот да ни се обратат официјално и ние ќе реагираме до правната служба бидејќи, како што напоменав, ние воопшто не бевме инволвирани во процесот. Ние само ги добивме имињата на тие што ги добиле ваучерите и имињата на фирмите, посочи Божиновска.
Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда (ваучер) за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени беа ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена).
За домаќинства со четири члена, предвиден беше ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари.
Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени беа ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони - по 23.000 денари. хс/аа/
Фото: МИА