• сабота, 29 јуни 2024

Почна вториот уписен рок на штипскиот Универзитет ,,Гоце Делчев"

Почна вториот уписен рок на штипскиот Универзитет ,,Гоце Делчев
Штип, 9 септември 2022 (МИА) - Почна вториот уписен рок за запишување на студенти во прва година на Универзитетот ,,Гоце Делчев" - Штип. Денеска и во понеделник матурантите ги доставуваат документите за упис на еден од факултетите.
Проректорот за настава при УГД-Штип, Мишко Џидров истакна дека најголема заинтересираност има на Факултетот за медицински науки, но крајните резултати ќе бидат објавени по завршувањето и на третиот уписен рок.
-Можам да кажам дека првиот уписен рок помина успешно, сѐ уште се запишуваат студентите. После запишувањето ќе ги сумираме конечните резултати. Можам да кажам дека интересот и оваа година беше најголем на општа медицина каде во првиот рок е потполнета квотата. Постои интерес и на другите студиски програми, па ќе видиме како ќе биде во вториот уписен рок. Вториот уписен рок започна денес петок и продолжуваме во понеделник. Потоа има определен временски период за приговори по што ќе излеземе со конечните резултати од втор уписен рок, рече Џидров.
Третиот уписен рок е закажан кон крајот на септември, а веќе од трети октомври студентите започнуваат со настава, најголем дел со физичко присуство.
-Третиот уписен рок е 21 и 22 септември, истиот процес до завршување на третиот уписен рок односно кога ќе ги објавиме сите студенти кои се запишани прв, втор и трет уписен рок и ќе започнеме со настава од 3 октомври. Најавено е дека ќе биде со физичко присуство, сите се враќаме во предавалните со исклучок на големите групи каде ќе имаме некој хибриден модел на настава бидејќи сепак станува збор за поголеми групи и амфитеатри каде мораме да ја организираме подобро наставата и физички и онлајн, рече Џидров.
Во меѓувреме во тек е и аплицирањето на бруцошите за сместување во студентскиот дом Браќа Миладиновци во Штип. Слободни места  има за 40 студенти. вдј/свс/

Остани поврзан